Синдикатот на културата синоќа обвини дека продолжува праксата со незаконски решенија. Посочија дека директорите на институциите добиле насоки за изготвување на мартовската плата за вработените во културата спротивно на Колективните договори.
-Направено е квази толкување на одредбите од Општиот колективен договор за јавен сектор. Направени се весели математики, а се со цел да се скрати од тоа што законски им следува на вработените. Во насоките од Министерството за култура, кои се дадени без потпишан изготвувач на истите, директорите се принудени да ги поништат старите решенија за плата и да изготват нови по даден терк. Сега имаме ситуација на еднаш стекнато поповолно право да го замениме со друго понеповолно, стои во објавата на СКРМ.
Објавата од СКРМ доаѓа откако претходно министерот за култура и туразма Зоран Љутков рече дека е направена нова пресметка за платите и оти се усогласени Општиот и Посебниот колективен договор. Тој во телевизиско гостување рече дека се надева оти утре околу 3 000 луѓе вработени во културата во 120 институции ќе ја добијат мартовската плата.
Според нив, со непромислени игри и математики што се прават на штета на вработените, она што еднаш го имаат стекнато како поповолно право, сега ќе биде заменето со друго понеповолно.
-СКРМ останува на Одлуките донесени на последниот Совет: 1. Кривични пријави до сите директори кои со нови решенија за пресметка на плата ќе им ги скратат правата на вработените согласно Колективните договори, 2. Тужби за задоцнети плати, 3. Тужби по сите основи доколку се исплати платата за месец март во спротивност со Колективните договори. Советот на СКРМ во текот на утрешниот ден ќе донесе одлука за започнување на процедурата за ШТРАЈК во културата, наведоа синоќа од Синдикатот.
Изјавите на министерот дека само во културата минималната плата изнесува 39 631 од СКРМ велат дека се невистинити.
Љутков во гостување во Дневникот на ТВ Сител најави дека до денес до 16 часот ќе бидат исплатени мартовските плати за околу 3.000 вработени во културните институции. Доцнењето се должи на нова, обемна пресметка на платите, за првпат усогласена со Министерството за финансии и со двата колективни договора, општиот и посебниот. Просечното зголемување изнесува околу 6%. Љутков посочи дека ова е трајно решение на долгогодишниот проблем со буџетската нерамнотежа, при што досега 81% од средствата одеа за плати, а само 19% за програми.
Не бараме луксуз, туку она што законски ни следува. Со оваа порака Синдикатот на културата излезе на протест да си ја бара мартовската плата.
Почитување на колективните договори, достоинствени услови за работа, стратегија за унапредување на културата – испорачани клучните барања до министерот Љутков, бидејќи како што велат, над 300 работници секоја година во април се доведени на раб на трпението и достоинството.
Поддршка за Синдикатот на културата и од Сојузот на синдикати на Македонија.