Кога децата се преплавени со големи емоции и мисли како „Сè ќе тргне наопаку!“ или „Никогаш нема да успеам!“, родителите често не знаат точно што да кажат за да им помогнат. Наместо да се обидувате веднаш да го поправите нивното размислување, важно е прво да ги признаете нивните чувства и да понудите нежна, но јасна рамка за разбирање.
Психологот д-р Џезмин Меккој сподели пет моќни фрази кои можат да им помогнат на децата да се смират, да станат свесни за своите мисли и да развијат издржливост.
„Јасно ми е дека во твојот ум има лоша мисла. Тоа мора да е страшно“
Оваа реченица им помага на децата да создадат здрава дистанца меѓу себе и она што ги вознемирува. „Истражувањето покажува дека оваа „техника на одлепување“ ја намалува моќта на негативните мисли“, објаснува психологот во објавата.
„Големите емоции можат да направат и нашите мисли да изгледаат навистина големи“
Преку оваа фраза, децата учат да размислуваат за сопственото размислување на начин што им е разбирлив. Ова го олеснува поврзувањето на чувствата со моделите на размислување, вели д-р Мекој.
„Имаш ли докази дека поинакво гледиште може да биде точно?“
Оваа игра со зборови поттикнува рационална анализа и развива критичко размислување, притоа почитувајќи ги емоциите на детето. „Го активира предниот кортекс на мозокот кој е одговорен за логично расудување“, истакнува психологот.
„Дали се случило нешто вакво порано? Што се случи тогаш?“
Ова прашање ја користи епизодната меморија на детето за да ги оспори негативните претпоставки. Со сеќавање на ситуации кои завршиле добро, детето учи да изгради пореална слика за иднината.
„Во ред е да се почувствува таа емоција. Тоа чувство наскоро ќе стане помало, исто како бранот“
Оваа фраза ги нормализира емоциите и ги учи децата дека чувствата доаѓаат и си одат. Д-р Мекој вели: „Истражувањето покажува дека разбирањето на минливата природа на емоциите го намалува стресот и ја гради отпорноста“.
„Целта не е целосно да се елиминираат лошите мисли, туку да им се помогне на децата да ги препознаат, да развијат поширока перспектива и да изградат внатрешна сила“, заклучува психологот.