Дали е експеримент обидот за нормализирање на Влада без албанско мнозинство, без мандат и без правично претставување, прашуваат меѓу другото од Демократската унија за интеграција. Според партијата, албанските партии на власт молчат или соработуваат на сметка на колективните права на албанскиот народ.
„Експериментот ќе пропадне – заедно со оние што го спроведуваат. Претставниците на коалицијата ВЛЕН, која со само 9 пратеници (1,3 отсто од пратениците) тврди дека претставува над 29 отсто од Албанците во институциите, продолжуваат да ја релативизираат својата претходна соработка со македонските партии, нарекувајќи го „експеримент што не функционираше“. Но проблемот не е неуспешниот политички експеримент. Проблемот е што пристапот на експериментирање со Албанците продолжува – со реални и опасни последици“, истакнуваат од партијата на Али Ахмети.
Повикувајќи се на историјата, од ДУИ велат дека најрепресивните режими во регионот, особено тој на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ, ги користеле Албанците од Македонија како инкубатор за тестирање политики кон „албанското прашање“, додека денес, додаваат, сме сведоци на нов бран експерименти.
Нов субјект на македонската политичката сцена. Демократското движење, Беса и Алтернатива кои сега функционираат како коалиција ВЛЕН се фузираат во една партија. Името сè уште не е договорено, ниту пак деталите треба да произлезат по формирањето на 23-членото претседателство. На есенското одмерување на силите на локалните избори, новиот субјект ќе настапи со своја советничка листа и кандидати за градоначалници.
Алијанса за Албанците на Арбен Таравари дефинитивно нема да биде дел од партијата која тежнее кон единство, и која сепарирањето на министерот за здравство го протолкува како кокетирање со опозициската ДУИ. По прозивките од Меџити, Ибрахими и Касами, Таравари призна дека телефонски разговарал со Ахмети за поддршка во вториот круг од локалните избори, но најави и дека е заинтересиран да остане во Владата.