Емисијата „60 минути“ на „CBS News“ заврши синоќа со сегмент за ненадејното заминување на извршниот продуцент Бил Овенс. Оставката предизвика загриженост за иднината на шоуто, бидејќи матичната компанија „Paramount Global“ се обидува да се спои со „Skydance“.
„Приказните што ги известувавме 57 години честопати беа контроверзни – неодамна војната во Газа и администрацијата на Доналд Трамп“, им рече новинарот Скот Пели на гледачите.
„Бил се погрижи тие да бидат точни и фер. Тој беше строг во врска со тоа, но нашата матична компанија „Paramount“ се обидува да го заврши спојувањето. Администрацијата на претседателот Трамп мора да го одобри тоа. „Paramount“ почна да ја следи нашата содржина на нови начини. Ниту една од нашите стории не беше блокирана, но Бил сметаше дека ја изгубил независноста потребна за чесно новинарство“, рече Пели.
„Никој овде не е среќен поради тоа, но со оставката, Бил докажа едно нешто: Тој беше вистинскиот човек на чело на „60 минути“ цело време“, додаде тој.
Овенс го објави своето заминување минатата недела. Тој им кажа на вработените дека ја изгубил можноста да донесува независни одлуки за шоуто.
Трамп бара 20 милијарди долари отштета од Си-Би-Ес
Во јануари, Си-Би-Ес њуз ја ангажираше Сузан Зирински, поранешната претседателка на својата новинска дивизија, да ги преиспита своите стандарди за известување. Според „Њујорк тајмс“, ова следеше по жалбите од Шари Редстоун, голем акционер на „Парамаунт Глобал“, во врска со извештајот на „60 минути“ за војната меѓу Израел и Хамас.
Како што забележа Пели, „Парамаунт Глобал“ во моментов бара регулаторно одобрение за спојување со „Скајденс“.
Ова доаѓа во време кога Трамп го тужи Си-Би-Ес за начинот на кој беше монтирано интервјуто со Камала Харис во „60 минути“. Трамп бара 20 милијарди долари отштета.
Иако многу правни аналитичари ја сметаат тужбата за лекомислена, Си-Би-Ес и тимот на Трамп ангажираа медијатор за да се обидат да постигнат спогодба што би можела да се протолкува како попуштање на барањата на Трамп компанијата да добие дозвола за спојување. Трамп рече дека бара „многу“ за спогодбата.
„60 минути“ продолжи да емитува истражувачки стории за администрацијата на Доналд Трамп, вклучувајќи една вчера што се фокусираше на последиците од драстичното намалување на финансирањето на Националните институти за здравство.
„Тој го направи тоа за нас и за вас“
Во последниот дел од емисијата, Пели наговести дека оставката на Овенс треба да биде предупредување против корпоративното мешање во еден од најважните проекти на „CBS“ и најпрестижниот телевизиски магазин за вести.
Според „Њујорк тајмс“, Овенс им рекол на вработените дека поткопувањето на независноста на емисијата би било „лизгава патека“.
„Бил поднесе оставка во вторник. Беше тешко за него, беше тешко за нас, но тој го направи тоа за нас и за вас“, рече Пели.
Гледачи: 60 минути е симбол на врвно новинарство
„Кога растев, гледањето на 60 минути беше задолжително во мојот дом во недела навечер. Поради ова, развив почит и благодарност за објективното новинарство. Денес сум разочаран и тажен кога гледам што се случи со објективното известување во ова време на корпоративни интереси и политички притисоци врз новинарскиот интегритет“, е еден од коментарите со најмногу лајкови.
„Америка во која пораснав веруваше во нашиот Устав и слободата на медиумите…“ напишаа гледачи под видеото.
„Тажно е да се види што се случува во САД. 60 минути отсекогаш биле симбол на врвно новинарство“, гласи еден од коментарите.