Освен цените на становите во Скопје се качија и цените на гаражите. Инвеститорите ја користат ситуацијата на немање на доволно паркинг простор во градот и на станарите им ги продаваат гаражите по астрономски цени. Градежните експерти се согласуваат со фактот дека инвеститорите претераа со цените на гаражите кои се движат од 8 до 15 илјади евра во зависност од локацијата. Граѓаните, пак кои со кредити едвај доаѓаат до стан велат дека не им паѓа на памет да даваат толку пари за гаража и ги паркираат колите каде ќе стигнат.
-Се е многу напумпано. Цените и на становите и на гаражите се нереални. Сопствениците на земјиштето аздисаа и ги креваат цените, а инвеститорите претераа со цените на становите и гаражите. Во Скопје има голем проблем со паркинг место и станарите ги паркираат колите на тротоари, по улици…Главен проблем е што во Скопје нема добар јавен градски превоз за луѓето да одат на работа со автобус. Поради тоа, секоја фамилија има по 2-3 коли, а урбанистичките услови предвидуваат еден стан да има едно гаражно место, вели Никола Велковски, градежен експерт.
Во недостаток на паркинг места пред зградите луѓето мора да купат гаражи, бидејќи нема каде да ги паркираат автомобилите. Од друга страна, инвеститорите ги условуваат купувачите на станови дека со купување на стан мора да купат и гаража.
-Цените на гаражите се движат од 8 до 15 илјади евра во зависност од локацијата, што е премногу. Инвеститорите ја злоупотребуваат ситуацијата на немање доволно паркинг место во градот и ги креваат цените на гаражите. Во Скопје треба да има повеќе јавни паркинзи и да се направат катни гаражи, бидејќи се создава хаос со паркирање по тротоари и на улици. Порано на јавни градски површини се градеа заеднички паркинзи, а сега и да купиш една гаража, а имаш две коли другата нема каде да ја паркираш, наведува Велковски.
Граѓаните кои живеат во некои населби во кои нема зонско паркирање имаат проблем да најдат паркинг место.
-Живеам во населбата Тафталиџе каде нема зонско паркирање, а на паркингот пред зграда речиси никогаш нема место. Понекогаш чекам да се ослободи некое место или вртам неколку кругови да најдам слободен паркинг во близина. Во околината има многу приватни фирми и кафе-барови и паркирањето е многу голем проблем. Често паркирам на улица или по тротоари, па ризикувам да ја најдам изгребана или со дупната гума, вели Петар од Скопје.
Изминативе години, сопствениците на гаражи и на паркинг-места почнаа да ги изнајмуваат, а цените за изнајмување одат од 30 до 100 евра месечно зависно од локацијата.
Б.С.