Предвремените избори може да се една опција за излез од политичка криза, само што причините за таква опција не се многу јасни. Навистина имаме едно незадоволство кај одредени партии, кај ДУИ пред се, со оглед на некои тенденции кои опасно не враќаат назад, и тоа е добра причина да се бараат, но каква политичка конфигурација би добиле после тие избори, ако односот на силите би останал истиот, прашува политичкиот аналитичар Даут Даути околу можноста за предвремени парламентарни избори наесен, заедно со локалните, откако дел од партиите предложија таква опција и велат дека се подготвени.
Од друга страна, смета Даути, многу рано му дојдоа на владеачкото мнозинство внатрешните разногласија по идиличниот почеток.
-Иако изгледаше како оваа коалиција се издигна над индивидуалните мотиви да се сруши претходната власт, партиите кои се дел од ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ се најдоа заедно во анти-ДУИ расположение, секоја од свои мотиви и ЗНАМ заедно со ВМРО-ДПМНЕ против СДСМ, но идеолошките, па дури и етничките различни гледања на работите е сериозен проблем. Тоа особено е голем проблем за партиите од ВЛЕН, кои на еден или друг начин ВМРО-ДПМНЕ ги „арчи“ на прашањата за статусот на Албанците, иако партијата цело време се оправдува со ДУИ. Од друга страна, не е логично поради амбициите на Арбен Таравари за да обезбеди што поповолна позиција за локалните избори, да се создаде политичка криза, бидејќи за една партија на Албанците многу поиздржани причини би биле употребата на јазикот(видете како се држат на стаклени нозе институциите за заштита на албанскиот јазик) и опасноста од „топење“ на процентот на Албанците во администрација по укинувањето на „балансерот“, вели соговорникот во разговор за „Локално“.
Според соговорникот, ВМРО-ДПМНЕ постојано ја спомнува ДУИ, но реално гледано, придобивките од политиките на партијата на Али Ахмети се во рамките на Рамковниот договор, што очигледно има тенденција да ја срушат некои кругови кои се инспирирани од некои нови геополитички нови ситуации со доаѓањето на власт на американскиот претседател Доналд Трамп.
-Тоа е опасна внатреполитичка игра која ги кине нишките на општествената кохезија. Сигурно дека ДУИ не е комотна во опозиција, но тоа не е главна причина за незадоволство, оти незадоволството на Албанците ги храни и амбициите на ДУИ поради очигледните тенденции за еродирање на етничките позиции на Албанците во системот. Ако партиите на ВЛЕН можат да трпат уште извесно време за да видат на што ќе се изродат овие владини политики во однос на законот за правична застапеност или како ќе биде законот за јазиците ако го укине Уставниот суд, што за ДУИ е политички капитал, но не е вечен, констатира аналитичарот.
Запрашан дали во „Мала Речица“ има капацитет за реални политики, освен етничката карта, Даути смета дека ДУИ не е ниту подобра ниту полоша од оние кои ја критикуваат, ниту поспособна нити понеспособна од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ВЛЕН во однос на политичката компетентност од дведецениското искуство.
-Во однос на етничката карта, кај албанскиот политички блок не гледам партија која би ги занемарила тие прашања. И тука ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту ЗНАМ ниту било кој друг не треба да негува илузии ако некој би ги загрозил, тврди аналитичарот.
Околу дилемата дали во ставовите на Таравари, ДУИ гледа шанса за себе, Даути смета дека лидерот на едното крило на Алијанса на Албанците навистина создаде една политичка криза и неговото заминување од ВЛЕН, би било во прилог на ДУИ, бидејќи не се реални очекувањата дека наместо Таравари во Владата би скокнал Зијадин Села, кој има многу повеќе причини да не го стори тоа во ова друштво.
-Ослабнувањето на коалицијата ВЛЕН, која и онака е создадена од помирувањето на претходно раскараните групации, може уште повеќе да ги засили позициите на ДУИ, иако во однос на враќањето на власт преку евентуални предвремени избори, при ваков однос на силите во македонскиот политички блок, би бил еден сериозен предизвик и за самата држава, заклучува соговорникот.
Во врска со превирањата во ВЛЕН, министерот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски вели дека нема официјална најава од Таравари дека ќе коалицира со ДУИ. Тој е уверен дека исклучително искусен политичар како министерот за здравство нема да повлече потег со кој би си ги загрозил сопствените позиции.
„Тој има многу политичко искуство. Веројатно го критикував повеќе од кој било друг во сегашната влада, но ако го оставиме тоа настрана, фактот е дека има политичко искуство и не мислам дека е толку наивен да влезе во соработка со ДУИ. Мислам дека и јавноста малку го потценува и не очекувам да направи чекор каде што би извршил политичко самоубиство. Би бил изненаден ако покаже таква политичка наивност. Секако, не исклучувам такво сценарио, но би бил многу изненаден ако се случи“, рече вчера Николоски во емисијата на „360 степени“ на МРТ.
Според него, освен евентуална соработка со ДУИ, не постојат други причини поради кои ВМРО-ДПМНЕ или премиерот би размислувале за прекинување на партнерството со Таравари, бидејќи тој како министер ужива доверба меѓу членовите на кабинетот на премиерот. За состојбите во ВЛЕН, еден од вицепремиерите апелира партнерите во оваа коалиција да седнат на заедничка маса и да ги надминат недоразбирањата.
Н.П.