Лидерот на опозициската партија СДСМ, Венко Филипче, најави дека пратеничката група на СДСМ следната недела ќе поднесе специјален предлог-закон кој ќе обезбеди финансиска и институционална поддршка за семејствата погодени од трагедијата во Кочани. Филипче истакна дека предлог-законот е изработен по пример на практики од земји кои реагирале со слични мерки по големи несреќи, слични на онаа која ја погоди Кочани минатиот месец.
„Целта на предлог-законот е да им се помогне на семејствата полесно да ги пребродат тешките моменти и да се покријат трошоците кои произлегуваат од трагедијата. Дополнително, ќе се понуди финансиска поддршка за зајакнување на системите каде што е потребно“, изјави лидерот на СДСМ.
Филипче се осврна и на денешната средба со семејствата на загинатите, кои во Скопје организираа протестен марш барајќи правда за своите најблиски. Тој нагласи дека средбата не имала политичка позадина, туку била израз на човечка солидарност.
„Сакам да потенцирам дека нашата средба со родителите не беше за политизација. Излеговме таму како луѓе, бидејќи нивната болка е длабока, а нивните барања конкретни. И покрај комуникацијата со многу граѓани и семејства од Кочани, тие бараат институциите да функционираат“, додаде Филипче.
Тој исто така нагласи дека СДСМ не дава партиска поддршка на протестот и дека во партијата има внатрешна насока да не се организира присуство на протестите, за да не се наруши автентичноста на реакцијата на граѓаните.
Пратениците на СДСМ денеска се соочија со семејствата на загинатите во трагедијата, кои организираа протестен „Марш на ангелите“ пред Собранието. Опозициските пратеници беа пречекани со свиркање и негодувања од страна на толпата, но ситуацијата се смири по кратко време. Присутните се заблагодарија на пратениците од СДСМ што се одважиле да дојдат и да ги слушнат нивните барања.