ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи специјалниот закон на СДСМ за финансиска поддршка на семејствата од трагедијата во Кочани

од Nikola Popovski
290 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ нема да гo поддржи специјалниот предлог-закон на СДСМ кој треба да обезбеди финансиска и институционална поддршка за семејствата погодени од трагедијата во Кочани. Според пратеникот Бојан Стојановски, владечкото мнозинство ќе ги дуплира или трикратно ќе ги зголеми средствата кои што Владата ги одвоила за сите општини, со цел да помогне на Кочани.

Како што вели пратеникот, паралелно се водат преговори со повеќе инвеститори кои што имаат донесено одлука да инвестират во Македонија и своите капацитети да ги изградат во индустриската зона во Кочани.

-Владата ги покрива трошоците на оние кои што лекуваат во странство и ќе продолжи да ги помага повредените и семејствата на починатите. Индикативно е зошто Венко Филипче сега предлага таков закон, а не предложи закон за оние лица кои загинаа во пожарот во Модуларната болница и за трагедиите во Ласкарци и Бугарија. Одговорот е јасен – семејствата на починатите и на повредените целосно ќе ја имаат поддршката од Владата, рече Стојановски.

Запрашан зошто пратениците на ВМРО-ДПМНЕ вчера не се сретнаа со родителите од Кочани кој дојдоа пред Собранието, Стојановски информира:

-Бидејќи пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го преставуваат мнозинството кое што е поистоветено преку Владата, одлучивме дека оној кој што може да им даде директни одговори беше министерот Тошковски и оттаму беа примени во неговите канцеларии, рече пратеникот во изјава за медиумите.

Филипче вчера најави дека пратеничката група на СДСМ следната недела ќе поднесе специјален предлог-закон за финансиска и институционална поддршка за семејствата погодени од трагедијата во Кочани. Истакна дека предлог-законот е изработен по пример на практики од земји кои реагирале со слични мерки по големи несреќи, слични на онаа која ја погоди Кочани минатиот месец.

-Целта е да им се помогне на семејствата полесно да ги пребродат тешките моменти и трошоците што произлегуваат од трагедијата. Дополнително, ќе се понуди финансиска поддршка за зајакнување на системите таму каде што е потребно, нагласи Филипче.

Родителите на протестниот „Марш за ангелите“ вчера пристигнаа пред Собранието каде што остварија кратки средби со пратениците на Левица и СДСМ. Дел од нив се сретнаа со државниот јавен обвинител и останатите 13 обвинители вклучени во истрагата, по вчерашниот повик на Обвинителството за средба на претставници на семејствата кои сакаат увид во сите аспекти на истражната постапка. По завршувањето на состанокот, тие беа воздржани за детали од разговорот. Од Обвинителството информираа дека одговориле на сите прашања и дилеми на блиските на настраданите.

Слични содржини