Филипче поседува виза која не е добиена на основ на инвестиции или сопственост на имот, тврдат од СДСМ

од Nikola Popovski
37 прегледи

СДСМ излезе со реакција по обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ кон лидерот на партијата, Венко Филипче. Од најголемата опозициска партија тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ во целосна безидејност продолжува да лаже иако претседателот на СДСМ јасно кажал дека не поседува никакви инвестиции ниту имот во Обединетите Арапски Емирати.

-Филипче поседува виза која не е добиена на основ на никакви инвестиции или сопственост на имот. ВМРО-ДПМНЕ наместо да лаже во континуитет и да се обидува да дефокусира, треба да почне да реализира нешто за граѓаните кои од оваа власт осврн неспособност, лаги и напади на опозицијата ништо друго не виде веќе цела година, стои во партиското соопштение на СДСМ.

Претходно од партијата на Христијан Мицкоски обвинија дека Филипче молчи за потеклото на златната виза за Дубаи, која може да се добие само преку инвестиции. Посочуваат дека 3 месеци ја лаже македонската јавност, односно како што велат, прво велеше дека нема виза, па потоа призна дека има.

Претседателот на СДСМ пред три дена во поткастот „Политиканти“ кажа дека има златна визa за Дубаи. Тој вели дека „не е поврзана со никаква форма на инвестиции“. Во изминатиот период, ВМРО-ДПМНЕ упорно го прашуваше лидерот на СДСМ и неговиот претходник, Зоран Заев да кажат дали поседуваат „златни визи за Дубаи и колку милиони им се трансакциите во Дубаи“.

На почетокот на ноември лани, повеќе македонски портали објавија вест како Филипче заедно со екс-лидерот на СДСМ неодамна присуствувал на забава во градот Дубаи, во Обединетите Арапски Емирати, каде што со другите гости уживале во песните на српскиот фолк-пејач Харис Џиновиќ. Во веста порталите објавија и видео-снимка што наводно е од забавата, а на која Филипче и Заев можат да се забележат во добро расположение.

Слични содржини