По напуштањето на Таравари, Жерновски очекува поделба во ЗНАМ и премин на пратеници од ВЛЕН во опозиција

од Nikola Popovski
1,1K прегледи

Поранешниот амбасадор и екс-градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски смета дека Владата е нестабилна, а тоа е поради фактот што, како што вели, ниту една политичка партија не напушта влада која е успешна. Напротив, според него, се заминува тогаш кога таа влада нема резултати. Ваквиот став е по вчерашната одлука на едното крило на Алијанса за Албанците да излезе од владините редови.

Жерновски смета дека Таравари е клучната фигура со чија кандидатура на последните претседателски избори дојде до целосен пресврт во албанскиот политички кампус, што повлече одлучувачки импликации и врз целокупниот.

– По само неколку месеци, стана јасно дека оваа политичка гарнитура ги погази сите, ама буквално сите предизборни ветувања. Наместо да ги направи ГОРДИ граѓаните, ги понижи, нарекувајќи ја Македонија “нашата земја”. А друго се ветуваше, зарем не? Ги понижува секојдневно со веќе неподносливата економска состојба, во која слободно дивеат цените на основните прехранбени производи, не презимајќи никакви мерки за да ги стабилизира цените. Во право е професорот Узунов кога вели дека Македонија ја живее најлошата економска состојба во последниве децении. Сведоци сме на девастирана бизнис клима, во која 9 месеци нема враќање на ДДВ и плаќање на обврски кон стопанството
Што да кажеме за дезориентираната надворешна политика која, во очигледна немоќ, се претвори во туристичка дипломатија. Повторно станавме изолирана држава, никој веќе не ни доаѓа во посета, тврди поранешниот амбасадор во Романија.

Жерновски прогнозира дека три работи ќе се случат на политичката сцена: дополнителен број на пратеници од ВЛЕН кои ќе преминат на другата страна, поделба во пратеничката група на ЗНАМ и вонредни парламентарни избори, кои ќе се одржат заедно со локалните, но поверојатно идната пролет.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ вечер на седница на Извршниот комитет ќе ја разгледува ситуацијата по излегувањето на Таравари од Владата. Од партијата негираат дека се разговара за какви било рокади во извршната власт. Но, почнаа обвинувањата меѓу досегашните партнери.

-Таравари се интересирал за бизниси, за Груби и за Заев, велат од најголемата владеачка партија.

Изет Меџити од ВЛЕН со остра реторика на социјалните мрежи-Таравари не ја напушти, туку ја предаде Владата.

Интегративците на Али Ахмети пак, остануваат на ставот за предвремени парламентарни избори поради, како што велат, моноетничноста на коалицијата.

-Ова парламентарно мнозинство ги промаши клучните стратешки интереси на државата и затоа се распаѓа. Време е да се преиспита легитимитетот на политичките претставници на предвремени парламентарни избори, стои во соопштението од ДУИ.

Слични содржини