Мицкоски нема да го испие „завршното“ кафе со Таравари

од Nikola Popovski
107 прегледи

Владата нема да прави реконструкција туку само ќе дојде до промена во дел од кадрите по напуштањето на крилото на АА предводено од министерот за здравство, Арбен Таравари. Како што соопштуваат од „Илинденска бр.2“, не е разговарано за ротации на министерствата, но потенцираат дека нема да има средба меѓу Христијан Мицкоски и Таравари, иако премиерот најави дека оваа недела ќе го испие „завршното“ кафе со лидерот на едното крило на Алијанса. Очекуваат министрите кои планираат да си одат, сами да си поднесат оставки.

Еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Биљал Касами, изјави дека се во напредна фаза на преговори со неколку пратеници, како од опозицијата од албанскиот блок, така и од другите заедници кои моментално се дел од „Европскиот фронт“. Тој нагласи дека се очекува парламентарното мнозинство што ја поддржува Владата многу наскоро да се прошири.

Од ВМРО-ДПМНЕ демантираа дека имало договор, но информираат дека вечерва има состанок на ИК на партијата, на кој ќе се разговара за прашањето околу можна „трампа“ на ресорот здравство за образование со ВЛЕН.

Министерката за образование, Весна Јаневска одговори дека државата има премиер и веројатно има преговарачки тимови во коалицијата.

-Тоа е нивна работа и тие ќе кажат како ќе биде, рече Јаневска запрашана дали би се преселила во ресорот кој засега се уште го предводи министерот Арбен Таравари.

На новинарско прашање дали би прифатила таква опција доколку до неа дојде таков предлог, министерката посочи дека сосема е рано да се размислува во тој правец.

-Кога ќе дојде тој момент, тогаш ќе разговараме, потенцира Јаневска и додаде дека во моментов „има голема работа што не е завршена во текот на мандатот“. Децидна е дека не е вклучена во преговорите во владеачката коалиција.

Алијанса за Албанците во владата има две министерски места – за здравство и за добро владеење, како и петмина пратеници.

На 5-ти мај Мицкоски и Таравари остварија средба, која беше закажана по превирањата во коалицијата ВЛЕН и тврдењата за соработка на Таравари со ДУИ.

Слични содржини