Инспекторатот за животна средина кој е надлежен за терен и спроведување казни веќе постапува во врска со хаваријата во населбата Пинтија во Кисела Вода каде што вчера од резервоар на објект на приватна компанија за производство на стиропор се излеале хемикалии користени во производствениот процес.
На новинарско прашање што е преземено во врска со работењето на фирмата, министерот за животна средина Меџити денеска упати на информации кај раководителот на Инспекторатот кој сега функционира во рамки на Министерството.
Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски вчера информира дека фабриката поседува елаборат за заштита на животната средина издаден и одобрен од Град Скопје уште на 31.12.2021 година (број 08-10300/4). Меѓутоа, поради дефект на вентил, дошло до истекување на хемикалии што се користат во производството, предизвикувајќи загадување во овој дел од општината.
Иако тоа не е во рамки на надлежностите на општината, од таму во соработка со Противпожарната бригада обезбедиле пилевина и песок за да се спречи пролизгување на местото на хаваријата. Инспекторите од Кисела Вода веднаш излегоа на терен и ја констатираа хаваријата, по што апелираат до Градот Скопје и другите надлежни институции да преземат соодветни мерки согласно законските обврски. Градоначалникот истакнува дека граѓаните немаат причина за вознемиреност затоа што се преземени сите неопходни мерки за заштита.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку објава на Фејсбук информираше дека станува збор за компанијата „Екопор“, која не презела мерки и покрај претходен инспекциски извештај во кој било нотирано истекување на вентил под притисок. Таа посочи дека за ваков тип на хаварија, покрај парична казна од 45.000 евра, следува и затворање на погонот, како и налог за санирање на причинетата штета.
Арсовска упати апел до Општина Кисела Вода, под чии надлежности се наоѓа објектот, како и до ресорното Министерство, да постапат согласно своите надлежности и да го санкционираат правното лице што ја предизвика хаваријата. Истрагата за причините и последиците од инцидентот е во тек.