Латас: Патот кон ЕУ е спорен, а не целта за членство

од Љубиша Владимиров
31 прегледи

Во дебатната емисија „Само вистина“ долгогодишниот новинар Драган Павловиќ Латас го изрази ставот дека целта за членство во Европската Унија не е спорна, но патот до таму и цената што државата ја плаќа се сè уште предмет на жестоки несогласувања.

„Државата не е во Европската Унија, но има намера и речиси консензус за тоа. Патот и цената се спорни. Вие ме терате да одам по друг пат“, изјави Латас, укажувајќи на условите кои доаѓаат од Бугарија и дилемата дали тие ќе престанат со уставните измени или ќе следат нови барања.

Латас порача дека нема проблем со вклучување на Бугарите во Уставот, но само ако тоа е последниот услов за почеток на преговорите. „Ако е последен услов, јас сум за да ги ставиме во Собрание. Но ако не е, тогаш што? Да се испокараме и да правиме шоу во Собранието, заборавајќи на вистинските проблеми како вработување, безбедност и правна држава?“, рече тој, алудирајќи и на неодамнешните инциденти во парламентот.

Во дебатата учествуваше и водителот Александар Видиновски, кој коментираше дека ситуацијата личи на „забава“, со тоа што пратеници фрлаат филџани и ја пренасочуваат јавноста од суштинските теми.

Дополнително, политичкиот аналитичар Ивор Ангѓеловиќ оцени дека најодговорно би било лидерите на двете најголеми партии – премиерот и лидерот на опозицијата – јавно да се извинат на народот за сето она што му се случува на Македонија во изминатите години.

„Најодговорно би било двете партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ – да излезат, премиерот и лидерот на опозицијата, и да се извинат на народот за ова што ни се случи и што ни се случува изминативе години“, изјави Ангѓеловиќ.

Слични содржини