Не е прашање каде не се најдовме, туку прашање е каде тие се изгубија. Тие не ме најдоа мене – а јас многу добро знам каде се. Заглавени се во замка на безидејност, политичка кукавичлук и целосно отсуство на визија…, вели во разговор за „Локално“, градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов откако силно одекна во јавноста информацијата дека СДСМ нема да го поддржи за нов мандат и ќе истрча со друг кандидат во битката за градот во пресрет на локалните избори.
Вели дека чувствува почит кон екс-премиерот и екс-лидер на СДСМ, Зоран Заев.
„Ако мојата почит кон човек кој ја носел државата во тешки времиња и кој застанал зад мене кога било најтешко – ако тоа денес е проблем – тогаш тоа многу повеќе зборува за нив, отколку за мене“, посочува Костадинов за можните причини околу неговото изоставување од кандидатурите на СДСМ.
Истакнува дека разговарал со огромен број членови на СДСМ и се разочарани од одлуката на партијата. Се уште не отфрлува можна кандидатура како независен кандидати, но побара време затоа што, како што вели, не сакам да повредам никого.
„Јас сè уште немам ни помислено за фотељи во Скопје, за амбиции што надминуваат локалното. Моја цел е да си ја завршам работата во Струмица. Да го довршам она што го ветив, што го започнав, што го работам со срце и ум. Ако некој ме гледа како потенцијална закана во иднина – тоа е нивна несигурност, не моја намера“, потенцира градоначалникот.
За реакцијата на ставовите на Драган Павловиќ-Латас, Костадинов порачува дека „може да му поставуваат колку сакаат тешки прашања како политичар, но чепкање по мртви родители, по семејството, по честа – тоа не е новинарство, тоа е пад на човечноста“. Го повтори својот претходен став дека не повикувал ниту на насилство ниту на убиство.
СДСМ нема да оди со вас како кандидат во Струмица, вие го замрзнавте членството. Каде и како не се најдовте со раководството на Бихаќка?
-Не е прашање каде не се најдовме, туку прашање е каде тие се изгубија. Тие не ме најдоа мене, а јас многу добро знам каде се. Заглавени се во замка на безидејност, политичка кукавичлук и целосно отсуство на визија за тоа што треба да биде современа социјалдемократија – по вертикала и по хоризонтала.
Ова не е судир на личности, ова е судир на принципи. Јас знам за што стојам – за работа, за народ, за резултати. А тие? Тие стојат зад партиски калкулации, зад анкети кои ги кријат, зад кандидати кои немаат ни терен, ни став, ни иднина.
Сетете се на ставот на Венко Филипче – и тоа не е одамна, туку пред неколку месеци дека СДСМ исклучиво ќе се држи до анкетите. Ако е така – еве ги анкетите: водам 3:1 пред сите други потенцијални кандидати, од сите партии. Не треба јас да ги објавам – повикајте ги вие како медиум да ви ги достават официјално. Ќе видите кој е реален, а кој наметнат.
Практично, со ваков начин на одлучување и со таков партиски рефлекс, СДСМ не е пред егзистенцијална криза туку е веќе длабоко заглавена во неа.
И не само егзистенцијална туку и лидерска, идеолошка, и политичка. Партија што се откажува од луѓето што победуваат, што се препознаени, што имаат поддршка, не оди кон обнова, туку кон самоуништување.
Но, знајте нешто, СДСМ може и да се откаже од мене, ама јас нема да се откажам од народот. Од градот, од Струмица. Затоа и го замрзнав членството – не затоа што не ме избраа, туку затоа што ги предадоа оние кои никогаш не смееле да бидат оставени сами.
Дали можеби ова е епилог поради вашата блискост со поранешниот премиер Зоран Заев?
-Ако прашањето е дали чувствувам почит кон Зоран Заев – тогаш одговорот е: да, и ќе продолжам да ја чувствувам. Не само затоа што бил премиер, туку затоа што во клучни моменти за државата и за СДСМ, ја презеде одговорноста и обедини нешто што изгледаше распаднато и раскаранo.
Но, не гледам зошто тоа би било пречка за некого. Јас не сум човек што се срами од благодарност. И не припаѓам на политиката на заборав. Ако мојата почит кон човек кој ја носел државата во тешки времиња и кој застанал зад мене кога било најтешко – ако тоа денес е проблем – тогаш тоа многу повеќе зборува за нив, отколку за мене.
Нека се произнесат тие. Нека кажат дали лојалноста кон лидер кој ја отвори Македонија кон светот, кој го поведе СДСМ во најголемите победи, кој покажа храброст во мигови кога сите молчеа – дали таа лојалност сега се смета за грев.
Јас нема да ја менувам мојата политичка природа за да му угодам на ничија суета. Ако почитта кон луѓето што направиле добро стана причина за казна – тогаш не станува збор за политика, туку за одмазда, а јас не се занимавам со одмазда. Јас се занимавам со работа, со народ и со иднина.
Доколку решите да се кандидирате, може ли Костадинов сам против сите?
-Интересно прашање, но суштински – вистината е сосема спротивна. Јас не сум сам против сите. Во оваа ситуација, со својата одлука, партијата избра да оди против народот. Не сум јас тој што се оддалечи од партијата – тие се оддалечија од луѓето.
И токму затоа – повикувам уште еднаш: погледнете ги анкетите. Не мои, нивни. Разликата е јасна. Поддршката е јасна. Народот е јасен. Само врвот на партијата одбива да го слушне.
Разговарам секој ден со огромен број членови на СДСМ – чесни луѓе, вредни луѓе, вистински социјалдемократи, кои не ја оправдуваат одлуката што ја турка Венко Филипче. Тие се разочарани, но не од мене – туку од начинот, од потценувањето на членството, од игнорирањето на реалноста.
Но, сакам да бидам јасен – ми треба време. Затоа што не сакам да повредам никого – ни тие стотици членови кои останале лојални на општинскиот огранок, ни луѓе кои можеби имаат други убедувања. Не сакам да го повредам ниту Марјан Даскаловски, кој можеби ќе биде мој противкандидат. Јас не одам против личности туку одам против неправдата и погрешната насока.
Ќе постапам мудро, отсечно и достоинствено, но со јасна цел: Да не дозволам повторно некој да ја гази личноста, како што беше згмечена мојата,
и да го понижи народот, како што беше понижен огромен број струмичанки и струмичани. Јас знам што значи доверба. Знам што значи одговорност. И знам кога треба да се направи чекор кој не се мери со партиски интерес, туку со градот, со народот, со вистината.
Дел од аналитичарите препознаваат договор меѓу двете најголеми македонски партии за преземање на Струмица од страна на ВМРО-ДПМНЕ по 20 години пауза. Има ли вистина во овие шпекулации и зошто толкава борба за градот?
-Не би сакал да верувам дека е така. Навистина. Сѐ уште верувам дека во оваа држава има линии што не треба да се преминуваат, а една од нив е тајниот договор на штета на сопствениот град и сопствениот народ.
Сепак, морам да бидам искрен. Кога ги гледам некои постапки, некои премолчувања и некои чудни тивки координации, не можам да не се запрашам дали има нешто што граѓаните не го знаат. Зашто ваква несоодветна кандидатура, ваква леснотија во предавањето на клучен град, не може да биде случајна.
Но, повеќе од теориите, верувам дека тука станува збор за страв. Страв не од Струмица, туку од Костадин Костадинов. Од мојата решеност да се справам и со едните и со другите – без калкулации, без страв и без договори зад грб на народот.
Ако нешто може да ги обедини двата партиски табора во „негласен договор“, тоа е стравувањето од еден модел на политичар што не им одговара – од политичар што не должи, не се пазари и не се плаши. Ако тоа е причината, тогаш нека се плашат со право.
И да бидам уште појасен: Јас сè уште немам ни помислено за фотељи во Скопје, за амбиции што надминуваат локалното. Моја цел е да си ја завршам работата во Струмица. Да го довршам она што го ветив, што го започнав, што го работам со срце и ум. Ако некој ме гледа како потенцијална закана во иднина, тоа е нивна несигурност, не моја намера. Јас не водам битки за позиција туку водам битки за мојот град. И тоа е единствената вистина што треба да ја знае јавноста.
Имавте преписка со новинарот Драган Павловиќ Латас во која го нападна вашето семејство,имавте малку застрашувачки одговор кои партијата на власт ги нарекуваат повик за убиство. Стоите ли уште на вашите ставови?
– Да бидеме јасни – немав преписка со новинар. Имав реакција на нечовек кој, наместо да се занимава со политика или критика на мојата работа, реши да го погази споменот на мојот покоен татко. И тоа не го направи случајно, туку, според мене, за да си наплати услуга од партијата што ја брани со години, не како новинар, туку како пропагандист.
Може да ми поставуваат колку сакаат тешки прашања како политичар, но чепкање по мртви родители, по семејството, по честа – тоа не е новинарство, тоа е пад на човечноста. Никогаш, ниту во еден збор, не повикав на насилство, ниту на убиство. Тоа не е дел од мојот карактер, не е во мојот ген, не е во моето воспитување. Но стојам цврсто и без грам каење зад правото да ја бранам честа на моето семејство. Знаете, само човек што сам носи зло во себе може да види повик на убиство во зборови во кои јас ја бранам честа на мојот татко, моето семејство и моето име.
Јас постапив како секој здраворазумен човек, како маж, како син и како глава на куќата. Така било низ вековите – така е и денес. Ако денес не можеш да ја браниш честа од навреда – тогаш зошто да се бориш за каква било правда?
Ниту ќе молчам, ниту ќе се повлекувам кога некој удира по мртви луѓе кои не можат да се одбранат. Затоа што во тие моменти, мојата реакција не беше политичка туку човечка. И на таквиот удар не му должам ниту извинување, ниту тишина.
Како ќе ја оставите Струмица по 4 години на власт?
-Ќе ја оставам Струмица исправена. Гордa. Препознаена. Видлива. Не само во Македонија туку и на Балканот и во Европа. Ќе ја оставам Струмица како пример дека ако има волја, љубов и работа – сè е можно.
Ќе ја оставам Струмица како првиот град на Балканот со целосно електричен јавен превоз. Ќе ја оставам со најголемиот и најуреден пазар во Македонија. Со нов ученички дом за младите кои сонуваат тука да останат. Со над 15 километри вело-патеки за здрава иднина. Со целосно нова социјална населба со 118 станови – за семејства кои никогаш немале свој дом. Со решени фекални и атмосферски канализации во повеќе села, после децении чекање. Со реконструирани домови на културата, кои повторно дишат и живеат. Со десетици културни манифестации – меѓу кои:
▪️ Струмичкиот карневал
▪️ Aster Fest
▪️ Hip Hop ден
▪️ EXIT фестивал
▪️ Strumica Open Fest
Со исчистено градско корзо од дивоградби, со обновен урбан дух. Со меѓународно признаена инклузија во образованието – гордо носиме плакета од фондацијата „Песталоци“. Како општина со најмногу активни социјални услуги во цела држава. Со два нови булевари изградени од нула, заедно со првиот булеварски мост во историјата на градот. Со ново, современо улично осветлување, од центар до последна уличка. И ова е само мал дел.
Ако треба да набројам сè, ќе ми требаат 100 страници затоа што 4 години работење не се мерат со зборови, туку со резултати.
Ќе ја оставам Струмица со дигнитет. Со систем. Со насока. Со инфраструктура, со душа и со иднина. Ќе ја оставам како највредниот градски капитал на оваа држава. И ако нешто ќе биде мој печат, тоа не е само што сум бил градоначалник туку што и во најтешко, не запирав и не калкулирав. Не се пазарев. Работев и народот го знае тоа.
Н.П.