Уставен суд ќе остане со една судијка помалку. Претседателот на Собранието Африм Гаши го извести Уставниот суд за поништувањето на изборот на уставната судијка Елизабета Дуковска. Судскиот совет ќе мора да ја повтори постапката за да се пополни нејзиното место.
Според пресудата, во конкретниот случај, Судскиот совет донел одлука за избор на судија на Уставниот суд без целосно разгледување на сите предложени кандидати. Поради недостиг на материјали и податоци за кандидатите, членовите на Советот не можеле да направат темелна анализа на нивната стручност и придонес во правната теорија. Иако Законот за судски совет бара исполнување на конкретни критериуми за избор, тие не биле формално проверени пред гласањето.
– Судот наоѓа дека со ваквиот начин на гласање на членовите на Советот, односно со не гласање по останатите два предлози оневозможена е еднаква примена на правилата на постапката за сите кандидати, со оглед дека само еден кандидат добил можност за реална подршка преку гласање, а на другите два кандидати им е ускратена можност да имаат ист третман и еднакви можности при изборот иако претходно сите три кандидати биле подржани од членовите на Советот, што влијае врз законитоста и транспарентноста на постапката со оглед дека предлог избор не е донесен врз основа на целосно разгледување и гласање по сите предлози, туку по хронолошки редослед на изнесените предлози, поточно само по првиот предлог, со што е повредено не само начело на еднаквост туку и начело на мерит системот со оглед дека се оневозможува реална и објективна споредба на квалитетите, резултатите и придонесот на кандидатите во развојот на правната мисла и систем, во смисла на исполнетост на условите од член 98 од Законот за судски совет со што се дерогира законската обврска за еднаков, меритократски и транспарентен пристап во постапката, што е спротивно и на темелните уставни принципи на еднаквост и отчетност при вршење на јавна функција, стои во пресудата.
Дополнително, од увидот во записникот од седницата се утврдува дека членовите на Советот се запознале со биографиите на кандидатите за првпат на самата седница и пристапиле кон гласање само за првиот предложен кандидат, додека, останатите два предлога биле игнорирани. Ова довело до нееднаков третман на кандидатите, нарушувајќи ја транспарентноста и законитоста на постапката, како и мерит системот кој треба да обезбеди објективна споредба на нивните квалификации и придонес.
Уставната судијка Дуковска беше судија-известител за предметот со Законот за јазиците чија подготвителна седница беше закажана за 19 јуни.
Со пресудата таа се враќа на своето претходно работно место во Апелациониот суд Скопје. Од Уставен суд најавија став по однос на пресудата.