Ванковска: Од кога задолжување „до гуша“ кај Британците се вика суверенизам?

од Nikola Popovski
604 прегледи

Професорката и поранешен кандидат за претседател на државата, Билјана Ванковска со една реченица го опиша Договорот за стратешко пријателство со Велика Британија и заемот од 6 милијарди евра. Ванковска се сомнева во договорот на македонската со британската влада.

-Од кога задолжување „до гуша“ кај Британците се вика суверенизам, па и уште знак за вклопување во мултиполарниот свет (а сме заедно во НАТО)?!?, објави Ванковска на социјалните мрежи.

Британскиот амбасадор во Скопје, Метју Лосон вчера го опиша Договорот за стратешко партнерство, кој ќе биде потпишан во Лондон оваа недела, како „историски момент во билатералните односи меѓу Обединетото Кралство и Република Северна Македонија“.

„Најавивме стратешко партнерство, во чии рамки се потпишува меѓувладин договор, кој ги поставува условите за поголема трговска размена од Велика Британија кон земјата“, рече амбасадорот Лосон во интервју за ТВ Сител. Според него, пред пет години е потпишан трговски договор меѓу двете земји и „моментот е вистински за потпишување стратешко партнерство“.

„Она што граѓаните ќе го видат е уште поблиска соработка со Велика Британија по важни прашања. Како партнери во НАТО, ние ги обучуваме вашите вооружени сили за заедничко учество во НАТО. Имаме фантастична соработка во сите области – од глобални прашања до надворешна политика. Министерот за образование ќе биде во Лондон оваа недела за Светскиот форум за образование, па затоа гледаме можност за соработка во образованието, културата и, секако, продлабочување на нашата соработка во борбата против организираниот криминал и миграцијата.

Меѓувладиниот договор што ќе го потпишеме оваа недела во Велика Британија е дел од ова пошироко партнерство и се надеваме дека ова ќе стимулира понатамошни инвестиции од стотици милиони фунти, важни за британската економија и стотици милиони фунти, важни за вашата економија, што сум сигурен дека граѓаните ќе го почувствуваат“, рече Лосон.

Еден од вицепремиерите и министер за транспорт, Александар Николоски се пофали дека оваа недела патува во Лондон каде ќе има чест да го потпише договорот во кабинетот на Черчил кој токму од тој кабинет командувал во втората светска војна што било знак колку голема важност му дава Велика Британија на овој „историски договор“.

Слични содржини