Над 300 сведоци биле на распит за пожарот во „Пулс“

од Nikola Popovski
17 прегледи

Јавните обвинители извршиле распит на над 300 сведоци за пожарот во Кочани, откри републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Според него истрагата е во чувствителна фаза која би требало да заврши за десетина дена, по што осомничените треба да направат увид во доказите и кон средината на јуни кочанското Обвинителство да донесе одлука. Можно е проширување на истрагата и за други осомничени лица.

СДСМ и коалицијата повторно го поднесоа Предлог-законот за поддршка на настраданите во пожарот во Кочани по редовна постапка со вклучени забелешки од владејачкото мнозинство.

Не сакаме да навлеземе во политизација на трагедијата во Кочани, го повторија ставот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

-Не сакаме да влеземе во сценариото на политизација на трагедијата во која СДСМ упорно сака да нѐ внесе. Нашиот план за поддршка на засегнатите е следниот: ќе ги дуплираме средствата од Владата за помош на општина Кочани и реализација на проекти, водиме преговори со инвеститори да отворат капацитети во Кочани или во непосредната близина, а премиерот Мицкоски најави две нови инвестиции и проширување на една актуелна постоечка во близина на Кочани, со 1.000 нови вработувања. Ги покриваме трошоците и лекувањето и ќе продолжиме, а здравствениот систем ќе биде посветен и мотивиран да ги помогне овие луѓе. Самиот аргумент зошто политизираат е кога ќе видите кои ликови ја соопштија веста за овој закон – Венко Филипче и Оливер Спасовски, истакна пратеникот Бојан Стојаноски.

Премиерот Христијан Мицкоски се видел со најголемиот дел од семејствата на загинатите во пожарот во Кочани и најави дека ќе продолжи да се гледа, разговара и да им помага на семејствата на повредените.