🎥 Првите снимки од страшниот земјотрес во Грција: Сè се тресе, оштетени згради, исплашени граѓани, издадено предупредување за цунами

од Марта Пешевска
66 прегледи

Силeн земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала рано утрово го погоди островот Крит и предизвика паника кај жителите. Земјотресот беше почувствуван и во поширокиот регион, вклучувајќи ја и Атика. Според локалните медиуми, потресот ги разбудил граѓаните, кои исплашено скокнале од креветите. Очевидци раскажуваат дека земјотресот бил проследен со силен татнеж, по што многумина излегле од своите домови во потрага по безбедност.

Стигнаа и првите видеа на кои може да се види како автомобилите и електричните кабли на улиците се тресат, додека во позадина се слуша загрижувачки звук. Во некои супермаркети производи паѓале од полиците, предизвикувајќи материјална штета. По главниот земјотрес, забележани се девет последователни потреси, со јачина меѓу 2,5 и 3,5 степени. Иако беа послаби, тие дополнително ја зголемија вознемиреноста кај жителите.

Противпожарните служби на Крит се во состојба на зголемена готовност. Патролни возила постојано го обиколуваат регионот за да ја следат ситуацијата и да реагираат навремено при евентуални проблеми. На делови од покраинската патна мрежа се појавија помали свлечишта, а на улицата „25 август“ во центарот на Ираклион се урнал дел од зграда. Подрачјето е веднаш блокирано од општинската полиција, додека инспекции се спроведуваат и на други локации во градот.

Општините Хераклион и Ласити веднаш издадоа наредба за проверка на безбедноста на училиштата, а досегашните проверки не покажале сериозни оштетувања. Дополнително загрижувачка информација доаѓа од Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, кој издаде предупредување за можна појава на цунами. Граѓаните на Грција, Турција, Италија, Франција и Португалија се повикани да ги следат информациите од локалните власти и да останат на безбедно.

Надлежните служби продолжуваат со мониторинг и проценка на состојбата. Засега нема информации за повредени лица, но ситуацијата е сè уште нестабилна. Жителите се повикуваат на претпазливост и смиреност, со апел да не се шират непроверени информации.

Слични содржини