Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска категорично отфрли дека чувствува вина за случајот „Онкологија“. Според Филипче, добро е што има процес и добро е да се знае вистината.
-Да видиме што ќе покаже судскиот процес, на виделина ќе излезе една лажна кампања, којашто ВМРО-ДПМНЕ ја организираше против мене лично, со анкетната Комисија на којашто изнесоа лаги, клевети и дека јас во рамките на ингеренциите во Министерството за здравство некои работи не сум ги извршувал. Јас ги покажав во јавноста и документите дека тоа не е така и дека сите ингеренции на министерството што се однесува во тој дел апсолутно се извршувани, дури и во најтешките Ковид времиња, изјави Филипче.
Онколошките пациенти на средба во Обвинителството по поднесените обвиненија за екс-директорите Васев и Нухи кои заедно со тројца нивни колеги од клиниката се товарат дека лекувале несоодветно и давале непотребни терапии.
ВМРО-ДПМНЕ бара од Филипче преку прилики за лидерски средби да не си го крева рејтингот. Велат дека лидерска средба имаше пред еден месец и во овие моменти не гледаат потреба за тоа.
-Филипче и со изјавата дека не чувствува вина за Онкологија покажува дека него го води само голиот интерес за пари, без да има никаков однос кон сето она што го поминаа пациентите на Онкологија. Филипче е синоним за корупција и предавства, затоа најдобро е да покаже дека има грам човечност признавајќи барем вина за Онкологија. Венко Филипче ем нема контрола во партијата и само му слугува на другарот Зоран Заев, ем сака да се факторизира со седнување на маса, стои во партиското обвинување.