Пратеничката од НСДП, Соња Мираковска, остро го критикуваше претседателот на Собранието, Африм Гаши, во дебатната емисија „Топ тема“ на Телма. Таа го нарече „слаб претседател“ кој, како што вели, „често има суфлери од ВМРО-ДПМНЕ и не носи самостојни одлуки“.
„Претседател на Собрание мора да има интегритет и сам да одлучува“, нагласи Мираковска.
Според неа, во изминатата година од новиот парламентарен состав, нема никаков напредок. Таа предупреди на обиди за поткопување на деловникот, ограничување на правата на пратениците и растечки инциденти и арогантно однесување од страна на владејачкото мнозинство.
„Долго сум во парламентот, но вакво неработење досега немало“, рече Мираковска.
Од друга страна, пратеникот Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека многу нешта се смениле – според него, на подобро – и порача: „Македонија сè повеќе станува држава на граѓаните“.