Неоснованите обвинувања против градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари се со цел да се создаде конфузија во јавното мислење и овој низок и несоодветен чин претставува кршење на минималната етика што има за цел да дискредитира личност која ужива институционална доверба и поддршка од жителите на Кичево, велат од ДУИ откако вчера градоначалникот заработи кривична пријава од Министерството за внатрешни работи, заради злоупотреба на службена положба и овластување.
Според партијата на Али Ахмети, ова е манифестација на личните фрустрации, но и искривување на фактите.
-Не е прв пат вакви напади да се обидат да се извршат врз луѓе на раководни позиции, преку лична дискредитација и омаловажување на нивните придонеси, но време е гласно да се каже дека професионализмот не се мери со завист, а патриотизмот не се продава со демагогија.
Останува на совеста на јавноста и сериозните институции да проценат кој зборува одговорно, транспарентно и во согласност со законот, а кој го користи јавното мислење за пресметка на лични сметки, користејќи ги зборовите на „народот“ како штит за неуспешните амбиции.
Институциите не се градат со клевети, туку со работа. Авторитетот не се стекнува со иронија, туку со достоинство. И пред сè, придонесот не се вреднува според најгласниот глас, туку според најискрената работа, велат од ДУИ преку соопштение.
МВР информира дека Дехари во периодот од 2017 до 2024 година, противзаконски склучил повеќе договори за извршување на адвокатски услуги со адвокати од Кичево, иако во рамките на општина Кичево постои Сектор за правни работи со вкупно 37 вработени, кои имаат право да ја застапуваат општината пред судовите во државата.
На тој начин пријавениот ја искористил својата службена положба, постапил спротивно на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, на Законот за локална самоуправа, на Законот за јавни набавки, ги прекршил одредбите од Законот за парнична постапка, Правилникот за систематизацијата на работните места, со што на адвокатите им овозможил, на штета на буџетот на општина Кичево, да се стекнат со противзаконска имотна корист од 3.938.420 милиони денари или околу 64.000 евра.