Цената на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи треба да се зголеми со оглед на тоа дека сегашната од 62 евра за мегават час е економски неоправдана, сметаат енергетските експерти.
Наредната недела ЕСМ треба да достави нова понуда по која цена би ја продавало струјата наменета за домаќинствата и малите потрошувачи на Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум. Од таа цена во најмногу ќе зависи каква цена Моменталната цена по која ЕСМ ја продава струјата на ЕВН Хоум е 62 евра за мегават час и е далеку пониска од производната.
-Оваа цена која сега ја нуди Електростопанство е нереална со оглед на тоа дека во најголем дел од цената на струјата учествува горивото. Само увозот на тон јаглен чини 60 евра. Ова сигнализира дека е невозможно струјата да се продава по 62 евра за мегават час и оти ова цена е економски неоправдана. За да се произведе еден киловат потребни се 1,5 до 2 тони јаглен, што значи дека цената на струјата треба да биде двојно повисока од сегашната само поради цената на горивото. Ако се земе во предвид цената на транспортот, одржување на постројката и други трошоци, тогаш е јасно зошто треба да биде повисока, изјави за „Локално“, Константин Димитров универзитетски професор и енергетски експерт.

Константин Димитров
Според Димитров, со оваа цена која Електростопанство ја продава цената на ЕВН Хоум е само да се купи социјален мир, бидејќи само јагленот е поскап од цената за еден киловат час.
-Ако ЕВН Хоум сега ја купува струјата на слободниот пазар би платила од 80 до 90 евра за мегават час, плус транспорт, маржи…Ако се земат во предвид сите овие трошоци тогаш сигурно дека цената на домаќинствата треба да се качи, појаснува Димитров.
Инаку производната цена на ЕСМ досега надминуваше 100 евра за мегават час и беше повисока по она по која ја продаваше на ЕВН. Но, поради вишок на струја и намалените потреби на Универзалниот снабдувач, ЕСМ го оптимизираше своето производство и успеа да ја намали производната цена која сега е под 100 евра, но сепак се уште е повисока од она по која ја продава струјата.
Каква ќе биде цената, најмногу завиди од понудата на ЕСМ, a помал удел во формирањето на цената ќе имаат барањата на МЕПСО,
Електродистрибуција и МЕМО, кои се уште не ги доставиле до Регулаторна комисија за енергетика.
– Во моментот, во РКЕ нема пристигнато ниту едно барање со трошоци од компаниите што ги регулираме. Согласно со методологијата за определување цени, до ноември најдоцна е рокот до кога се поднесуваат барања за цените за пренос – МЕПСО и дистрибуција на електрична енергија – Електродистрибуција, како и за организирање и управување на пазарот на електрична енергија – МЕМО – изјавија од РКЕ.
Од Регулаторна велат дека е можно продолжување на времетраењето на евтината дневна тарифа на електричната енергија, но дека сè уште се прават анализи дали да се продолжи за еден или два часа. Сега евтина струја има од 13:00 до 15:00 часот. Од РКЕ велат дека во периодот од 12:00 до 17:00 часот цените на електричната енергија се далеку пониски од оние што се во периодот од 19:00 до 00:00 часот.
Од опозицијата обвинуваат дека граѓаните очекувале постабилно производство и пониска цена на струјата, но не го добиле ни едното ни другото.
Б.С.