Од јули за 50 отсто се намалуваат царините на околу 70 стоки, главно суровини и репроматеријали кои се користат во индустријата. Измените и дополнувањата на Законот за Царинската тарифа се со цел усогласување на нашите царински стапки со оние кои применуваат во ЕУ. Целта е зголемување на конкурентноста на домашните компании кои извезуваат на странските пазари и на македонскиот извоз, како и зголемен девизен прилив, а се очекува и зголемување на инвестициите и бројот на вработувањата.
Виктор Мизо, генерален директор на „Костал Македонија” и претседател на Советот за странски инвеститори, вели дека со намалување на царинските стапки ќе се создаде можност за проширување на постојните, како и влез на нови инвестиции.
-Ние како Совет на странски инвеститори уште пред неколку години ја покренавме потребата за намалување на царините и нивно усогласување со европската регулатива. Пред 3 години беше првично направена таа адаптација и од почетокот на мандатот на оваа Влада дадовме предлог за дополнително намалување на царините. Ова беше обработено и во анализата на Светска банка и ние поднесовме барање до министерствата за финансии и економија, вели Мизо за „Локално“.
Според Мизо, ова усогласување ќе ја зголеми конкурентноста на македонските компании, како на домашните, така и на странските и ќе не стави на исто рамниште со компаниите кои произведуваат во ЕУ.
-Намалувањето на царините дополнително може да влијае на зголемување на обемот на работа и проширување на постоечките капацитети поради зголемена конкурентност. Тоа, пак може да влијае на зголемување на производството, нови производствени линии кај постојните компании и нови работни места. На тој начин компаниите кои ја анализираат државата во однос на можностите за инвестирање може да ја препознаат дополнително зголемената конкурентност, појаснува Мизо.
Тој додава дека до крајот на годината врз основа на анализа на потребите на компаниите ќе достави дополнителна листа со нови царински стапки и тоа би била следна фаза на хармонизација со европското законодавство.
На овој начин, како што вели Владата им излегла во пресрет и им овозможила да се реализираат нивните барања кои се во насока на зголемена конкурентност и подобрување на бизнис климата во државата.
Инаку по намалувањето на царинските стапки за 50 отсто во јули ќе следи ново намалување за 50 отсто на почетокот на наредната година.
Со намалувањето на царинските стапки директно ќе се помогне во секторите на автомобилската, метало-преработувачката индустрија, металургијата и енергетиката. Со законските измени е опфатено намалување и на царинските стапки за литиум јонски батерии за складирање на електрична енергија во секторот енергетика. Целта е да се помогне во енергетскиот сектор, во насока на зголемување на своите капацитети, зголемување на извозната конкурентност, и се очекува зголемување на инвестициите и бројот на вработувањата.
Б.С.