Демократскиот сојуз изрази поддршка за иницијативата Македонија да стане една изборна единица, оценувајќи ја како важен чекор кон демократизација на изборниот процес и зголемување на правичноста во претставувањето на граѓаните.
Според партијата, оваа промена ќе придонесе за уривање на досегашниот модел кој често фаворизираше големи партии и ќе отвори можност за поширока застапеност на различни политички опции во парламентот. Со тоа ќе се зајакне и контролата на законодавната врз извршната власт, а во носењето на клучните државни одлуки ќе бидат вклучени повеќе политички субјекти.
Како дополнителна придобивка, Демократскиот сојуз посочува дека со една изборна единица секој пратеник ќе биде избран со приближно ист број гласови. Во моментов постојат големи разлики – во некои изборни единици пратеник се избира со околу 6.300 гласови, а во други со повеќе од 10.000, што ја нарушува еднаквоста на гласот на граѓаните.
Партијата најави дека веќе следната недела до Собранието ќе поднесе предлог-закон за измена на Изборниот законик. Предлогот ќе биде отворен за надополнување и усогласување со забелешките на ОБСЕ и ОДИХР, со цел да се создаде поширок политички консензус и систем што ќе биде фер и еднаков за сите.
Демократскиот сојуз верува дека оваа иницијатива претставува реална можност за посилна демократија, поправеден изборен систем и поголема отчетност на институциите кон граѓаните.