Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, заедно со градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, денеска ја посетија општината и ги разгледаа големите проекти што се реализираат во градот. Тие ги инспектираа обновената сала АСНОМ, новиот пазар, прочистителната станица и новата градинка, која ќе прима околу 150 деца.
Филипче нагласи дека сите овие важни објекти се направени во периодот кога владееше СДСМ, од моментот на обезбедување средства, преку потпишување договори, до самата изградба и пуштање во употреба. Тој посочи дека проектите значително го подобруваат квалитетот на живот во Делчево.
„Салата АСНОМ, која служи за различни културни и општински настани, беше целосно обновена со средства од владата на СДСМ. Новиот мост и пазарот го олеснуваат секојдневното движење и трговија во градот. Градинката, која е скоро готова, ќе овозможи простор за повеќе од 100 деца, што е од голема важност за локалната заедница. Исто така, прочистителната станица, реализирана со поддршка од швајцарскиот проект и Владата, обезбедува чиста вода за пиење не само за Делчево, туку и за околните села“, изјави Филипче.
Тој додаде дека овие инвестиции не се само инфраструктурни објекти, туку голем придонес за подобрување на животот на жителите.
Меѓутоа, Филипче изрази разочарување од актуелната влада, посочувајќи дека Делчево во последно време е запоставено и заборавено, што според него се должи на политичката припадност на градоначалникот, кој не е од владејачката партија.
„Кога нема поддршка од владата, како што е сега случајот, Делчево страда и граѓаните се оштетени. Жал ми е што се применува политичка дискриминација врз основа на партиската припадност, тоа не е фер кон граѓаните“, истакна Филипче.
Ова беше и јасна порака дека капиталните проекти и натаму остануваат приоритет на СДСМ, додека градот бара посилна и поеднаква поддршка од сите институции.