На Втората меѓународна конференција за демократија и социјална правда, што се одржа во Атина, престижната Преспа награда за мир за 2025 година му беше доделена на документарниот филм „No Other Land“, кој го прикажува страдањето и уништувањето на палестинската заедница на окупираниот Западен Брег.
Наградата им беше врачена на авторите на филмот – Палестинецот Басел Адра и Израелецот Јувал Абрахам – лично од поранешните премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев. Доделувањето се одржа во атмосфера полна со емоции и поддршка од присутните, кои стоечки ги поздравија добитниците и испратија пораки на солидарност.
Публиката, покрај овациите, скандираше и „Слобода за Палестина“, додека режисерите се заблагодарија на организаторите и ја истакнаа важноста на правдата и еднаквоста како предуслов за вистински мир.
„Мир ќе има тогаш кога ќе има правда и еднаквост за сите луѓе. Ги повикувам европските лидери да не молчат, туку да преземат конкретни чекори, санкции, прекин на насилствата, и да обезбедат подобар живот за луѓето во Газа и на Западниот Брег“, изјави Басел Адра.
Јувал Абрахам додаде: „Ни велат дека доаѓаме од различни светови, но нас нè спои чувството за неправда. Ако зборуваме за демократија, тогаш мора да признаеме дека во Израел тоа е привилегија за едни, а исклучување за милиони кои живеат под воена контрола и немаат право на глас“.
Годинешната Преспа награда продолжува да ја негува симболиката на помирување, дијалог и соработка, а минатата година нејзин добитник беше дипломатот Метју Нимиц, кој одигра клучна улога во решавањето на спорот за името меѓу Македонија и Грција.
Во рамки на конференцијата се одржаа и панел-дискусии на кои учествуваа прогресивни лидери и политичари, меѓу кои и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој оствари средба со лидерот на грчката партија СИРИЗА, Алексис Ципрас.