Иран им се заканува на САД: Ако преговорите не успеат, ќе ги нападнеме американските бази во регионот

од Vladimir Zorba
14 прегледи

Доколку нуклеарните разговори не успеат и дојде до конфликт со САД, Иран ќе ги нападне американските бази во регионот, изјави во среда министерот за одбрана Азиз Насирзаде, неколку дена пред планираната шеста рунда разговори меѓу двете страни за нуклеарната програма на Иран

„Некои претставници од другата страна се закануваат со конфликт ако разговорите не вродат со плод. Доколку ни се наметне конфликт (…) сите американски бази се во наш дофат и ние смело ќе ги таргетираме во земјите домаќини“, рече Насирзаде на прес-конференција.

Американскиот претседател Доналд Трамп постојано се закануваше дека ќе го бомбардира Иран доколку не постигне нов нуклеарен договор.

Следната рунда разговори треба да се одржи оваа недела. Трамп ги најави разговорите за четврток, додека Техеран вели дека тие ќе се одржат во недела во Оман. Се очекува Иран да понуди контрапредлог на понудата на САД за постигнување договор, која Техеран ја отфрли.

Потоа Трамп реагираше велејќи дека Иран станува „сè поагресивен“ во преговорите.

Насирзаде потсети дека Техеран неодамна тестирал ракета со боева глава од два тона и дека нема да прифати никакви ограничувања. Врховниот лидер на теократската Исламска Република, ајатолахот Али Хамнеи, во февруари изјави дека Иран ќе продолжи да ги развива своите воени капацитети, вклучително и своите ракети.

Слични содржини