Македонските здруженија за заштита на животните денеска излегоа на протест во Скопје од каде бараат судовите да изрекуваат минимум една година затвор за убиство и мачење на животни. Апелираат до судството во Македонија да се промени досегашната пракса со неказнивост.
„Правдата не е избор, туку обврска на секое демократско и хумано општество“, порачаа од маршот. Движењето почна од кај Министерството за внатрешни работи, продолжи до Основното јавно обвинителство и на крај до Кривичниот суд.
Присутните едногласно побараа максимална затворска казна за Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски, осомничени за убиството на Феликс. Барањата од протестот се и воведување минимум од една година задолжителна затворска казна за кривичното дело убиство и мачење животни, формирање локални општински служби за заштита на животните, донесување закон за Комунална полиција со единица за полиција за животни, спроведување превентивни мерки за редуцирање на насилството врз животните и системска едукација за хуман однос кон животните.
„Денес протестиравме за Феликс, баравме максимална затворска казна за неговиот убиец, Љубе Крстевски. Исто како што протестираме и сме гласни за Кочани, за Ласкарци, за Бугарија, за модуларна, за онкологија, за геноцидот во Палестина, за работнички права, за женски права, за чист воздух, за зеленило..
Траумите што ги трпиме како општество се длабоки и неизбришливи и со овој пост сакаме да повикаме на прекин на релативизациите и селективноста. Не само што се бесмислени, туку и се една од клучните причини за сите трагедии во кои губиме животи.
Не може да ви е небитно дивјачко убиство на животно. Ако замижувате пред едно злодело или го игнорирате, некој друг игнорира некое друго и така магичниот круг на пеколот во кој живееме во Македонија продолжува да нѐ проголтува сите.
Солидарноста е клучната карактеристика што ги разликува праведните од неправедните општества. Само со заедничко делување и со меѓусебна почит ќе имаме сила да изградиме здраво општество во кое нема да има место за рамнодушност, селективна правда и заборав.
Општество во кое секој глас за правда е важен, секоја болка е препознаена, и секој живот – човечки или животински – е вреднуван. Болката што ја чувствуваме нека биде горивото што ќе нѐ поттикне да не се откажуваме од борбата за похумано утре. За Феликс. За секоја невина жртва. За сите нас“, порачаа од организаторите на маршот „Зелен Хуман Град“.