ДУИ: Албанците се дискриминирани дури и под раководство на албански кадри

од Nikola Popovski
20 прегледи

Демократската унија за интеграција јавно ги осудува дискриминаторските практики при вработувањето во Центарот за управување со кризи (ЦУК), каде на последниот конкурс се примени 12 Македонци и само тројца Албанци.

„Оваа институција се води од директор со албанска етничка припадност, но, очигледно, со лојалност кон политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Ситуацијата е алармантна. За Албанците нема значење ако раководителот е само Албанец по име, но не и по дела. Кога менаџментот служи како етничка декорација за да се прикрие систематското доминирање на една етничка група во институциите, тоа веќе не е јавно раководење, туку извршување на политички наредби спротивни на јавниот интерес и етничката рамноправност“, порачуваат од партијата.

ДУИ истакнува дека нема да молчи пред оваа политичка хипокризија, каде во име на „албанско претставување“, се прават валкани зделки за власт, а Албанците продолжуваат да бидат дискриминирани, дури и во институции што „формално“ се водат од Албанци, но во суштина ја газат рамноправноста и мултиетничкиот карактер на државата.

„Ја потсетуваме јавноста: духот на Охридскиот договор не се исполнува со декоративни Албанци на раководни позиции, кои ги спроведуваат одлуките на антиалбански центри на моќ.

ДУИ нема да дозволи албанското претставување да се сведе на имиња и функции, додека резултатите се исклучување и политичка послушност. Албанците не бараат милост, туку вистинска еднаквост. И ДУИ ќе биде и остане нивниот глас без компромис“, велат од ДУИ.

Слични содржини