ДУИ: Новиот Закон за правична застапеност е штетен за Албанците

од Nikola Popovski
37 прегледи

Демократската унија за интеграција реагира на предложениот нацрт-закон за правична застапеност, кој, според нив, има за цел да го замени Балансерот – правен и обврзувачки инструмент за одразување на демографската реалност во јавните институции – со нејасна, неефикасна и политички стерилна структура како што е „координативно тело“.

„Ова е обид уставната обврска да се претвори во административна фарса и да се демонтира една од најважните столбови на Охридскиот рамковен договор: правичната и еднаква застапеност на етничките заедници. За Албанците, овој закон е штетен. И нема да запреме сѐ додека Балансерот не се врати како единствен правно обврзувачки механизам за гарантирање еднаквост во администрацијата“, велат од ДУИ.

Според нив, замената на, како што го нарекуваат, прецизниот и транспарентен калкулатор со „годишни извештаи“ и „координативни тела“ кои немаат никаква надлежност да ги обврзат институциите да го почитуваат принципот на застапеност, е самото по себе политички чин што создава неправда и институционална етничка доминација.

Предлог-законот, како што денеска изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев, е подготвен од група уставни експерти. Правичната застапеност ќе се регулира со подзаконски акти откако ќе се добие мислењето од Венецијанската комисија.

„Овој закон за правична застапеност којшто морам да кажам дека е уставна категорија која произлегува од Охридскиот рамковен договор, го подготви група на експерти во Владата. Законот денеска ќе се разгледа на владина седница и понатаму ќе биде проследен во Венецијанската комисија. Она што е важно за овој закон е дека вработувањата ќе бидат врз база на компетентност, квалитет и професионалност. Баланерсот е укинат од страна на Уставниот суд и затоа мотивот беше овој закон да го прават група на уставни експерти. Моделот за правична застапеност ќе биде регулиран со подзаконски акти, но по претходни евентуални забелешки од Венецијанската комисија“, изјави Минчев.

Слични содржини