Една од поважните теми е извештајот на ЕП за Македонија. СДСМ во минатото, со мудра дипломатија, успеа да ги отфрли сите обиди за какви било одредници на идентитетот и јазикот во преговорите и извештаите. СДСМ обезбеди македонскиот јазик и идентитет во ЕУ да бидат чисти, признати и без никакви додавки. Ова беа нашите црвени линии од кои никогаш не отстапивме.
По само една година од власта на ВМРО-ДПМНЕ, оваа позиција е нарушена. Се појавува сериозен ризик за носење извештај во кој јазикот ќе биде со додавка „современ“, а ние тоа не смее да го дозволиме. Тоа Владата не смее да го дозволи, и меѓу другото, сметаме дека е резултат и на погрешната надворешна политика во целата измината година.
Денес на средбите ќе ги пренесам ставовите на СДСМ и ќе ги бранам позициите на Македонија. Извештај со амандман за додавка „современ“ пред јазикот не смее да помине. СДСМ од почетокот силно лобира и се бори амандманот за јазикот и идентитетот да не бидат дел од извештајот, и во следните две недели ќе дадеме максимални напори да го повториме успехот од претходните години кога ваквите обиди успешно ги сопревме.Јазикот и идентитетот не биле и никогаш не смеат да бидат предмет на допрецизирање. Тие се јасно дефинирани во сите документи на Европската Унија, а македонскиот јазик е веќе еден од јазиците во Унијата – чист, без додавки – и ова мора да остане така.
ВМРО-ДПМНЕ се претставува како партија силен заштитник на идентитетските прашања, но не гледам дека на дело тоа го покажуваат.
Владата оваа битка мора да ја постави како приоритет. Времето е кратко и потребни се заеднички, максимални напори да го отфрлиме амандманот, за кој од ден во ден има сè поголем ризик да се донесе.
И сакам од тука, од Берлин, да потенцирам уште една работа – дека стоиме целосно отворени и спремни за соработка со ВМРО-ДПМНЕ, да ги обединиме силите и конечно заеднички да укажеме и јасно да покажеме кои се црвените линии за Македонија.“