Филипче: Политиките во Македонија се водат под диктат на други земји кои имаат преголемо влијание врз Владата

од Nikola Popovski
57 прегледи

СДСМ од првиот ден предупредуваше дека Владата на ВМРО ДПМНЕ ја става државата во заложништво на други држави – наместо кон интеграција и напредок, во геополитичка изолација и опасна економска зависност, потенцираше претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Филипче истакна дека ваквите укажувања на СДСМ, ги потврди и Европската Унија во извештајот.

„Покрај опасното задолжување со директни заеми, политиките се водат под диктат на други земји кои имаат преголемо влијание врз Владата. А сега тоа се повеќе се гледа и се потврдува. Во извештајот јасно стои дека Северна Македонија е тешко погодена од странско мешање и дезинформациски кампањи, вклучувајќи хибридни закани, стратешка корупција, сомнителни финансиски текови и принудни инвестициски практики – особено со потекло од Русија и од Кина“, рече лидерот на СДСМ.

Она што особено загрижува, како што рече Филипче, а што и ЕУ го нотира е задолжувањето од Унгарија, кое укажува на ризик од финансиска зависност од Кина.

„Овде дома сите ние треба да го поставиме прашањето – дали со ваквите потези кои се прецизно нотирани во извештајот на Европската Унија – европската интеграција останува само декларативна заложба на Владата на ВМРО-ДПМНЕ или можеби веќе се работи на нова алтернатива, нов правец во кој треба да се движиме?“, рече Филипче.

Тој додава дека наместо продолжување на напредокот во ЕУ како што ветуваа, за една година со Христијан Мицковски и Владата на ВМРО-ДПМНЕ, земјава доби историско назадување и погазување на сите успеси на патот кон евроинтеграциите и најново го доби историски најслабиот извештај од ЕУ.