ДУИ за изјавата на Кос: Не смееше да се дозволи да стане цел на кампања на омраза и потсмевање

од Nikola Popovski
223 прегледи

„Не смееше да се дозволи изјавата на евромесарката дека „идентитетот не е предмет на политички условувања, туку суштина на човековото достоинство и израз на неговата посебност“, да стане цел на кампања на омраза и потсмевање. Уште помалку, таа реакција да биде поттикната од извори блиски до власта“, велат од ДУИ за вчерашните реакции по повод пораките на Марта Кос за македонскиот идентитет.

Особено загрижува фактот што, додаваат од партијата, министерот за европски интеграции Орхан Муртезани не сметаше дека е потребно јавно да го одбрани овој став, ниту да го истакне значењето на вредностите кои се темел на институцијата што ја раководи.

„Напротив, со своите неточни и релативизирачки ставови, тој стана дел од една линија на однесување која ја доведува во прашање односот со еден од најсилните гласови што ја поддржуваат нашата европска перспектива.

Во време кога државата има потреба од стабилни партнерства и јасно раководство во процесот на интеграција, оваа тишина, и во одредени моменти оправдување на националистичките ставови, не претставува технички, туку политички неуспех“, порачуваат од партијата на Али Ахмети и додаваат дека Муртезани има суштинска одговорност – да го брани европскиот курс, а не да молчи кога тој е нападнат.

„Граѓаните заслужуваат посериозно и подостоинствено претставување во овој процес, а нашите меѓународни пријатели, почит, а не организирано потценување одвнатре“, истакнуваат од ДУИ.

„Доколку го смените Уставот, веднаш ќе почнат преговорите“ – кажа вчера еврокомесарката на прес-конференцијата со премиерот Христијан Мицкоски во Скопје. Вели дека идентитетот го носиме во себе и тоа прашање не треба да биде поврзано со членството во Европската Унија.