Трамп планира да ги покачи царините за стока од Канада на 35%

Зголемените царини ќе стапат на сила на 1 август, пишува Трамп во постот на неговата социјална мрежа Трут Соушл, на која објави и копија од писмото.

од desk2
11 прегледи

Претседателот на САД, Доналд Трамп, најави дека ќе ги покачи царините за стоки увезени од Канада на 35%, продлабочувајќи ја така поделбата меѓу двете земји, јавија светските медиуми. Во писмото испратено вчера до канадскиот премиер Марк Карни се најавува агресивно зголемување на царините во однос на претходното зголемувње на 25%, што Трамп го наметна во март годинава, по неколкумесечни закани.

Трамп ги воведе високите царини на Канада, наводно, за да ја присили земјата-сосетка на САД да го сопре шверцот на фентанил, иако количеството од овој лек и дрога што се шверцува од Канада, според медиумите, е скромна. Претседателот на САД исто така изразува фрустрација поради „трговскиот дефицит“ што САД го има со Канада, а во голем дел се должи на купувањето канадска нафта.

„Морам да напоменам дека преносот на фентанил не е единствениот предизвик што го имаме со Канада, која има многу царински и нецарински политики и трговски бариери“, пишува Трамп.

Зголемените царини ќе стапат на сила на 1 август, пишува Трамп во постот на неговата социјална мрежа Трут Соушл, на која објави и копија од писмото.

„Наместо да соработува со САД, Канада воведе свои царини. Почнувајќи од 1 август 2025 , ќе воведеме царини од 35 отсто на канадските производи извезени во САД. Тие царини може да се менуваат нагорно или надолно, во склад со нашите односи со Вашата земја“, пишува Трамп.

Писмото е меѓу повеќе од 20 што оваа седмица Трамп ги испрати до трговските партнери на САД, вклучувајќи ги и Јапонија и Јужна Кореја.

Канадскиот премиер на социјалната мрежа Икс напиша дека неговата земја ќе продолжи да ги штити своите работници и компании.

Канада и САД пред две седмици ги обновија трговските преговори, откако Канада се откажа од даноци за американските технолошки компании.

Канада околу ¾ од своето производство продава во САД. Земјата е голем производител на метали и на автомобили.

САД веќе наплаќаат царина од 25% на некои канадски производи. Канада е тешко погодена и со Трамповите глобални царини на челик, алуминиум и автомобили, од 50% на металите, а од 25% на автомобили и товарни возила што не се произведени во САД. Сепак, моментално се прави исклучок за многу производи, заради обврските од Северноамериканскиот договор за слободна трговија, потпишан од САД, Канада и Мексико.

Слични содржини