Град Скопје ја известува јавноста дека МВР одбило да ја прими пријавата за физички напад од полициски инспектор фатен во моментот кога на диво се приклучува на мрежата на „ЈП Водовод и канализација Скопје“.
„Уште еден ден во Македонија. Само да знаете каде живеете. МВР вчера одбиваше да ги прими пријавите од град Скопје за ФИЗИЧКИОТ НАПАД од нивниот службеник ВРЗ ЖЕНА. Никој не излезе со осуда за физичкиот напад врз Ирена Витина извршен од страна на полициски службеник кој беше фатен при изградба и незаконско приклучување на мрежата на ЈП Водовод и канализација Скопје“, напиша градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Од МВР за „Локално“ пред три дена соопштија дека постапуваат по наводите за напад на советничката Ирена Витина при интервенција на див приклучок на водоводната мрежа. Полицијата информира дека „Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема мерки за расчистување на случајот“.
Немилиот настан следува откако градоначалничката на Град Скопје објави видео од откривање на див приклучок на вода во една од скопските општини. Иако на видеото на официјалниот профил на градоначалничката не се глада нападот, Арсовска сподели со јавноста:
„На последниот случај на фатен како прави див приклучок сторител беше извесен инспектор од МВР наречен Бујо, кој во бес дека се фатени сред дело, физички ја нападна советничката во град Скопје Ирена Витина пред очите на неговите колеги од МВР кои не реагираа на нападот, иако истиот беше пред 10 сведоци и целиот настан е снимен од почеток до крај“, стои меѓу другото во објавата на Арсовска.