Од денес (16.07) свештениците на преспанско-пелагониската епархија кои ќе бидат фатени дека поседуваат профили на социјалните мрежи, ќе бидат санкционирани.
Порталот religija.mk објави фотографија од наредбата што вчера била упатена до сите свештеници во оваа епархија во нашата земја, а била донесена од преспанско-пелагонискиот митрополит Петар.
Како што се нагласува во документот, одлуката стапила на сила уште вчера, а истата се должи на тоа што сè почесто свештениците објавувале содржини кои не се поврзани со црковно-пастирскиот живот.
„Поради сè позачестеното изнесување на лични ставови, мислења и коментари на социјалните мрежи од страна на свештени лица од нашата епархија, за теми коишто се надвор од црковно-пастирскиот живот, а се однесуваат на дневно-политички настани и случувања, кои би можеле да се толкуваат како официјален став на Преспанско-пелагониската епархија, односно на МПЦ-ОА, воопшто, ЗАБРАНУВАМЕ на сите свештени лица во Преспанско-пелагониската православна епархија да поседуваат сопствени профили на Фејсбук, Инстаграм, X и слично, или, пак, да поседуваат профили под друго (лажно) име“ – стои во документот објавен во споменатиот портал.
Инаку, наредбата стапува во сила веднаш по нејзиното донесување, а се нагласува дека секое непочитување ќе биде соодветно санкционирано.