Во текот на вчерашниот ден од партијата „Вреди“ излегоа со соопштение дека владата го усвоила предлог законот за средните училишта на верските заедници, со којшто ќе се овозможи дипломите од медресата „Иса Бег“ од Кондово и од другите верски училишта да бидат признати и целосно изедначени со оние од кое било друго средно училиште во земјата.
Со овој закон, учениците од ова училиште ќе имаат средно гимназиско образование, дополнето со верски предмети, додека на крајот од своето образование ќе полагаат државна матура, за да можат да се запишат на кој било јавен и приватен факултет во земјата и во странство“, соопшти Вреди.
Зеќирија Ибрахими од Вреди нагласи дека 15-ти јули бил „историски за образованието и за верниците во нашата земја“.
По неколку децении тивка дискриминација и недостаток на достојна застапеност, денес овие ученици добиваат целосни права како и секој друг граѓанин“ – рече тој.
Но, според професорот по социологија Илија Ацески, ваквата одлука и ваквиот предлог-закон ќе остават длабоки последици во нашето општество, затоа што истата се коси со Уставниот поредок на државата.
Во изјава за „Локално“, професорот нагласува дека Македонија е секуларна држава, односно земја каде што државата и верата треба да бидат поделени и дека не треба да има мешање.
Според него, ваквата одлука ќе значи директно мешање на религијата, односно верата во самиот образовен процес, што понатаму ќе придонесе за уште поголем раздор во општеството.
Оваа одлука е длабоко нарушување на секуларноста на државата“ – вели тој.
На прашањето колку оваа одлука би влијаела врз понатамошниот развој на општеството и дали тоа би можело понатаму уште повеќе да придонесе за нарушување на односите во нашата држава, професорот вели:
Македонија е длабоко поделено општество, одлуката за признавање на дипломите од верските училишта ќе придонесе за уште поголемо продлабочување на таа поделба.“
Тој додава дека примарната цел на образованието е да ги потисне верските и религиските разлики кои постојат во нашето општество, а ваквата одлука не оди во прилог на тоа.
Инаку, за потсетување, медресата Иса Беј како централно училиште се наоѓа во селото Кондово, а има свои паралелки во Скопје, Тетово, Гостивар и Штип.
Училиштето е основано од страна на Исламската верска заедница (ИВЗ), а во март 2024-та година доби дозвола да функционира како приватно средно училиште.
Ваквата владина одлука „падна“ на Уставен суд во април годинава, кога беше укината со образложение дека Одлука на Владата е незаконита и неуставна, бидејќи Владата дала согласност, односно дозволила Исламската верска заедница ИВЗ да биде основач на средно училиште – гимназија.
Според Уставниот суд ваквата одлука на владата е во спротивност со членот 7 од Законот за средно образование кој забранува верско организирање и дејствување и истакнување на верски симболи во средните училишта.
Б. С. Б.