САД ги прекинаа преговорите за примирје во Газа и ја повлекоа својата делегација од Доха, Катар. Причината е последниот одговор од Хамас, кој, според специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, покажува „отсуство на желба за напредок“.
Виткоф потенцира дека американската страна сега ќе размислува за алтернативни варијанти за ослободување на израелските заложници и за создавање „постабилна средина за луѓето во палестинската енклава“.
Потегот на САД е изненадувачки, имајќи предвид дека вчера беше соопштено дека Хамас има нов предлог за кој Израел смета дека е основа на која може да се работи за да се дојде до прекин на огнот во Појасот Газа.
Израел исто така ја повлече својата делегација од Доха, но според израелски извори, не станува збор за сериозен проблем.