Американскиот претседател Доналд Трамп денес негираше дека се обидува да ја уништи бизнис империјата на неговиот поранешен сојузник Илон Маск како одмазда за нивниот спор околу даночните закони.
– Сите велат дека ќе ги уништам компаниите на Илон со елиминирање на некои, ако не и сите, од големите субвенции што ги добива од американската влада. Тоа не е вистина. Сакам Илон, како и сите компании во нашата земја, да напредува – објави Трамп на својата социјална мрежа Truth Social, цитиран Bloomberg.
Трамп додаде дека колку подобро се тие, толку подобро се САД и тоа е добро за сите.
– Секој ден кршиме рекорди и сакам така да остане – додаде американскиот претседател.
По објавата на Трамп, акциите на Tesla го ублажија падот од 9,5 проценти на 7,8 проценти до 10:03 часот наутро по њујоршко време.
Акциите веќе паднаа за 18 проценти оваа година до среда, иако се опоравија од подлабоките падови во март и април.
Коментарите се најновиот пресврт во бурните односи меѓу двајцата најмоќни мажи во светот, по расправијата што го натера Маск да започне серија напади врз Трамп и да објави евентуално формирање нова политичка партија.
Како одговор, Трамп се закани дека ќе ги прекине договорите и субвенциите на Маск со владата на САД.
Двајцата мажи подоцна се обидоа да ги поправат односите, но штетата врз деловните интереси на Маск веќе беше направена.
Во својот извештај за заработка за вториот квартал, Tesla Inc. ги наведе губењето на субвенциите за електрични возила и зголемувањето на царините како два од најголемите предизвици со кои се соочува нејзиниот автомобилски и енергетски бизнис.
Маск ја напушти својата владина функција во мај, каде што ги надгледуваше намалувањата на трошоците на администрацијата на Трамп, за да се врати на водење на своите компании, кои имаат широки врски со владата на САД.
За време на спорот со Трамп, Маск се закани дека ќе го пензионира вселенскиот брод „Драгон“ на „Спејс Екс“, капсулата што НАСА ја користи за испраќање астронаути и залихи до Меѓународната вселенска станица.
Маск подоцна ја повлече заканата, а „Спејс Екс“ продолжува да лансира капсули „Драгон“.