Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, директорката на Управата за заштита на културното наследство Весела Честоева, придружувани од градоначалниците на општините Гази Баба, Аеродром, Ѓорче Петров и Бутел, денеска присуствуваа на координираната акција за расчистувањето и уредување на просторот на Скопското кале.
Љутков истакна дека симболот на нашата историја и култура во последниве десетина години е уништуван и без никакво внимание. Тој информираше дека состојбата е лоша и со двата музеи на Калето за кои, како што рече, ќе треба комплетно обновување.
-Направивме план и со ребалансот на буџетот обезбедивме осум милиони денари коишто ќе бидат искористени до крајот на годината. Веднаш ќе пристапиме кон распишување јавна набавка за поправка на овие простории, а потоа и со реализација на целиот овој огромен проект којшто ќе треба веќе од 2026 година да биде пуштен во употреба, истакна Љутков.
Тој додаде дека е особено значајно што во период кога целата земја се соочува со ризици од пожари, како и со активни жаришта околу Скопје, ЗЕЛС излезе во пресрет и се вклучи во оваа акција, со цел Калето да биде безбедно и достапно за сите.
Љутков изрази уверување дека со заеднички сили, институциите, општините и јавноста, ќе се создадат услови ова културно богатство да биде уредено, зачувано и отворено за сите граѓани на Скопје и за туристите што го посетуваат нашиот град. Целта е, рече тој, 2028 година, кога Скопје ќе биде европска престолнина на културата, овој простор да биде еден од најискористените.