Економскиот раст на Западен Балкан значително забави во првиот квартал од 2025 година, според извештајот на Европската комисија.
Реалниот раст на БДП во регионот падна на 2,3 проценти, од 3,3 проценти во претходниот квартал. Сите земји забележаа помал раст отколку во претходните три месеци, а Србија, најголемата економија во регионот, имаше најголемо забавување на растот на производството, од 3,3 на два проценти, објавува Бета.
Сепак, Северна Македонија, Албанија и Косово беа над границата од три проценти, според извештајот за економиите на земјите кандидати или потенцијални кандидати за членство во ЕУ.
Економскиот раст беше поттикнат од домашната побарувачка. Потрошувачката остана клучен придонесувач за растот во првиот квартал од 2025 година. Потрошувачката на домаќинствата беше придружена со континуиран висок раст на платите низ целиот регион.
Понатаму се наведува дека трговската динамика генерално беше обележана со поголем увоз отколку извоз, што доведе до негативни придонеси на меѓународната трговија кон растот на БДП.
Стапката на невработеност се намали во повеќето земји во регионот во првите три месеци од 2025 година. Невработеноста во регионот беше на историски најниско ниво, но сепак повисока отколку во ЕУ.
Во согласност со падот на економската активност, растот на вработеноста се забави на 0,2 проценти во Западен Балкан.
Во четирите квартали до март, нето приливот на странски директни инвестиции се намали во повеќето земји во регионот, а особено во Северна Македонија и Србија, во споредба со 2024 година.
Девизните резерви се намалија во некои земји во регионот.
Просечната годишна инфлација се забрза на 3,7 проценти во првиот квартал од 2025 година. Инфлацијата на потрошувачките цени дополнително се зголеми во некои економии во вториот квартал од оваа година, движејќи се од 2,3 проценти во Албанија до 4,3 проценти во Црна Гора.
И покрај силниот раст на приходите, буџетските расходи пораснаа со побрзо темпо, а фискалните биланси се влошија во речиси сите економии на Западен Балкан во првите пет месеци од 2025 година, освен во Северна Македонија.
Во некои економии (Србија), ова делумно се должи на силното зголемување на капиталните расходи во споредба со претходната година.
Во Турција, годишниот економски раст дополнително забави на два проценти во првиот квартал од 2025 година.
Годишната инфлација на потрошувачки цени во земјата падна на 35 проценти во јуни, најниско ниво од ноември 2021 година, главно поради падот на цените на храната.