ДУИ: Ветингот не го сакаат тие што прифаќаат сомнителни донации од Србија и градат стотици дивоградби

од Nikola Popovski
7 прегледи

Ветингот претставува институционална и општествена нужност, со цел враќање на довербата на граѓаните во правдата, во државните институции и во самиот демократски систем. Цврсто веруваме дека не може да има функционална држава и праведно општество без сеопфатен процес на ветинг со меѓународен надзор, кој ќе донесе транспарентност, отчетност и одговорност на сите нивоа на власта, велат денеска од ДУИ преку соопштение.

„Ставот на ДУИ е јасен: Ги повикуваме сите парламентарни политички партии да го поддржат предлог-законот на ДУИ за ветинг со меѓународен надзор – процес што е сеопфатен, непристрасен и без компромис, кој ќе ја врати довербата на граѓаните во правдата и институциите. Ја повторуваме нашата одамнешна заложба за истрага на сите политички партии, без исклучок, за целиот 33-годишен период на плурализам. Бараме верификација и контрола на потеклото на имотот за сите носители на јавни функции во последните 33 години – министри, пратеници, градоначалници, директори, судии, обвинители – сите, без исклучок“, истакнуваат од партијата на Али Ахмети.

ДУИ го повторува барањето за длабинска истрага на процесот на приватизација, кој во многу случаи беше основа за создавање на недопирливи олигарси.

„Бараме и истрага за дејствувањето на службите за државна безбедност, како и за поранешни функционери кои дејствувале од 1945 година па наваму – ОЗНА, УДБА, СДБ, ДБК, УБК, АНБ. Ова е услов за правда. Ова е обврска кон граѓаните“, додаваат од опозициската партија.

ДУИ, нагласуваат од партијата, ги повикува сите политички субјекти да го поддржат предлог-законот за ветинг подготвен од ДУИ уште во 2020 година, како документ со јасна визија и државотворен пристап. Иако, како што појаснуваат, тогаш предлог-законот беше поднесен и го помина првото читање, поради недостиг на политичка волја од другите партии, законот никогаш не доби зелено светло.

Ги повикува политичките партии и Владата да покажат институционална храброст и политички интегритет.

„Ако немаат страв од вистината, ако немаат што да кријат – нека го поддржат ветингот. Да бидеме јасни: Ветингот не го сакаат тие што денес донираат јавни имоти, што прифаќаат сомнителни донации од Србија и што градат стотици дивоградби. Оние кои се плашат од транспарентност, не можат да бидат гаранти на правдата.

ДУИ нема да се откаже од оваа битка. Ова е прашање на државата. Прашање на правдата. И прашање на иднината “, велат од ДУИ.

Слични содржини