ДУИ објави дел од кандидатите за градоначалници, Дехари ќе „трча“ за втор мандат во Кичево

од Nikola Popovski
45 прегледи

Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми вчера се појави пред медиумите по состанокот на Централното претседателство на партијата во Мала Речица и ги објави дел од кандидатите за градоначалници од оваа партија и носителите на листите. Адеми соопшти дека ќе го кандидираат Фатмир Дехари за уште еден градоначалнички мандат во Кичево. Еркан Арифи, пак, ќе бара доверба од граѓаните на Липково, исто така, за уште еден мандат. Кандидат за градоначалник на Општина Чашка е Суат Шаќири, а за Општина Студеничани – Ејуп Абази.

Централното претседателство на ДУИ одлучило да ја поддржи независната кандидатура за градоначалник на Општина Брвеница на Енвер Пајазити.

Адеми информира дека Централното претседателство на партијата донело одлука за имињата на носителите на советничките листи на неколку општини. Во Општина Дебар, носител на листата на советниците ќе биде Артин Спахиу, актуелен претседател на огранокот на ДУИ во Дебар. Во Општина Сарај, носител на листата ќе биде Илjаз Весели, актуелен в.д. градоначалник на Општина Сарај. Во Општина Врапчиште носител на советничката листа ќе биде Евзал Арслани.

Адеми најави дека ќе имаат кандидати за градоначалници и во Скопје, Боговиње, Долнени и Пласница кои ќе бидат објавени во наредниот период.