Претседателот на САД, Доналд Трамп, најави дополнителни 25% царини за Индија како казна за увозот на руска нафта, покажува документот објавен на веб-сајтот на Белата Куќа. Тоа означува ескалација на неговата трговска битка со Њу Делхи и неговата прва примена на т.н. секундарни санкции кон земјите за кои САД тврди дека ја потсилуваат руската воена машинерија, јави Си-Ен-Ен.
Извршната наредба тврди дека Индија „моментално директно или индиректно увезува нафта од Руската Федерација и вели дека е „неопходно и соодветно“ да се примени нова царина од 25% на стоки од Индија.
Новите царини поврзани со тргувањето со Русија ќе стапат на сила за 21 ден, а новата царинска стапка во рамките на Трамповата „борба против дефицитот“ ќе стапи на сила утре.
„Добив дополнителни информации од разни високи функционери за, меѓу другото, постапките на владата на Руската Федерација во врска со ситуацијата во Украина“, се наведува во образложението на указот за новите царини.
Објавата уследи неколку часа откако специјалниот пратеник на Трамп за надворешно-политички прашања Стив Виткоф го заврши состанокот во Москва со претседателот на Русија, Владимир Путин.
Трамп оваа седмица ги најави новите царини за Индија, порачувајќи дека земјата помага на Русија да води војна во Украина.