Блумберг објави што Трамп им нуди на Русите

од desk2
95 прегледи Фотографија : WhiteHouse.gov 27 јули 2025

Денеска истекува рокот што претседателот на САД, Доналд Трамп, му го постави на рускиот колега Владимир Путин да прикаже вистински напредок кон завршување на војната во Украина или во спротивно тој и неговата земја да се соочат со нови, уште поостри економски санкции.

За тоа време, претставниците на САД и Русија работат на договор за териториите, што би бил презентиран на планираната средба меѓу претседателот Доналд Трамп и Владимир Путин, кој најверојатно ќе се одржи кон крајот на следната седмица, објави „Блумберг“, повикувајќи се на неименувани извори.

Според нив, Вашингтон се обидува да ја обезбеди поддршката на Украина и европските сојузници, но исходот од договорот е сè уште многу неизвесен. Притоа, САД е на линија на мировен договор што ќе овозможи Русија да ги задржи освоените украински територии.

Путин инсистира Украина да ѝ го предаде на Русија целиот регион Донбас, вклучувајќи ги регионите Луганск и Донецк, како и Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година. Тоа би значело дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе мора да ги повлече силите од областите во тие региони што сè уште се контролирани од Киев, давајќи ѝ на Москва територијална победа што не успеа да ја постигне воено од почетокот на тоталната инвазија во февруари 2022 година, пишува Блумберг.

Можни локации за претседателскиот самит Трамп-Путин се Обединетите Арапски Емирати, Унгарија, Швајцарија и Рим. Последната локација е најмалку сигурна, оти, како што јави италијанската новинска агенција, главниот град на Италија не е прифатлив за Путин.

Запрашан денеска дали ќе го почитува рокот на ултиматумот, кој истекува денеска, претседателот на САД рече „Тоа зависи од Путин“.