Вештачката интелигенција денес е глобален приоритет, но во државата сè уште нема законска рамка, национална стратегија, ниту институционална координација за нејзина примена. Од 2012 година преку Фондот за иновации и технолошки развој се кофинансирани 48 ВИ проекти во износ од 6,1 милион евра, но поради недоволна транспарентност, слаб публицитет и отсуство на системски пристап, ниту еден од овие проекти не е имплементиран во јавниот сектор, покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија, цитиран од „Бизнис инфо“.
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на информациски системи како ревизија на успешност на тема „Можности за употреба на Вештачка интелигенција во јавниот сектор” со цел да оцени Дали јавниот сектор е подготвен за користење на вештачка интелигенција во своите активности?
Иако вештачката интелигенција е препознаена како значаен фактор за дигиталната трансформација, ревизијата утврди дека Национална стратегија и законска регулатива за утврдување на правилата за имплементација на проекти со вештачка интелигенција во јавниот сектор не е донесена. Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 27 јуни 2025 година го донесе Закон за безбедност на мрежни и информациски системи со кој се уредува безбедноста на мрежните и информациските системи, надлежните органи за безбедност на мрежните и информациските системи, мерките за безбедност на мрежни и информациски системи и за управување со ризикот за сајбер безбедност, како и други прашања поврзани со безбедност на мрежни и информациски системи.