Сите очи и уши на светот се вперени кон Алјаска и „средбата на векот“ – состанокот помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот „вечен шеф“ Владимир Путин, кој би можел да врати или повторно да постави некои нови парадигми во меѓународната политика и односи. Исходот може да биде поразителен и катастрофален, првенствено за Украина а следствено и за Европа, но исто така може да се претвори и во едно големо, спектакуларно – ништо, анализира хрватски „Јутарњи лист“.
Проблемот е во тоа што со денови, светските аналитичари, медиуми и политичари се обидуваат да предвидат што би, во оваа најголема сојузна американска држава – која, да потсетиме, САД ја купија од Русија во 1867 година – можело да се договори и што би можело од тоа да произлезе. Средбата носи и симболична црта, бидејќи токму преку Алјаска на Русија, т.е. СССР, за време на Втората светска војна, ѝ стигнувала клучната и неопходна помош во оружје, храна и лекови.
Но, тешко е што било да се предвиди, првенствено затоа што сите на тоа му пристапуваат рационално, а ние, за жал, имаме работа со две повеќе или помалку ирационални ега. Трамп е непредвидлив, а Путин оди со глава низ ѕид и бара сѐ, и многу повеќе. Никогаш не знаете што да очекувате од Трамп – како на тој фатален 15 август ќе реагира и колку, како што сметаат многумина, а посебно руските независни аналитичари, Путин ќе го „маѓепса“ и ќе го врти околу малиот прст, како што наведува независната ТВ станица Дожд.
Моментално најмногу се нагаѓа за таа чудна т.н. размена на територии, која што всушост се сведува на тоа, едноставно речено, Украина да даде свое за свое.
На Трамп му се брза, што може да биде сериозен проблем за Украина, бидејќи поминаа речиси осум месеци откако вети дека ќе стави крај на војната во рок од 24 часа. На хоризонтот во магла му се наѕира неговата заветна Нобелова награда за мир, идеја што целосно го обзеде. Тоа може да игра клучна улога. Од една страна, Трамп може целосно да му попушти на Путин со верување дека со тоа ќе го придобие, а Путин, со низа решенија неповолни за Украина, може наводно „да му излезе во пресрет“. Но, ако Путин се заигра – иако `мозоците` на ФСБ и другите служби ги впрегнаа сите сили, конечната одлука сепак ќе ја донесе самиот вожд – тоа би можело да го налути Трамп, кој во тој случај може целосно да се премисли и да ја сврти нов лист.
Рускиот режимски аналитичар Дмитриј Новиков за московскиот весник „Ведомости“ вели: „Средбата на двајцата лидери е голем настан сам по себе, но не треба да се очекуваат чуда. За конкретни резултати ќе треба време“. Значи, што ќе се случи на Алјаска, никој навистина не знае, и што е уште полошо, веројатно ниту на самиот Трамп уште не му е сѐ кристално јасно.
Независниот руски експерт Александар Баунов за порталот Медуза истакнува дека Путин не се откажува од својата стратегија за „постепен и бавен пристап“. Тој знае дека Трамп е под притисок, ако за ништо друго, тогаш заради изборите за Сенатот во 2026 година, додека Путин нема временски ограничувања, освен биолошките.
Моментално најмногу се нагаѓа за таа чудна т.н. размена на територии, која што всушост се сведува на тоа, едноставно кажано, Украина да даде свое за свое. Имено, наводно Путин бара, без дискусија, САД, а потоа и остатокот на меѓународната заедница, да му ги признаат Крим и четирите региони (Луганск, Доњецк, Керсон и Запорожје) што ги анектираше. Ако сакаме да бидеме цинични, со оглед на начинот на кој Русија ги присвојува украинските региони, може да се каже дека војната всушност не се води во Украина – туку во Русија. Русите, да бидеме злобни и зајадливи до крај, се нападнаа самите себе.
Но, доста со суровите шеги. Наводно, Путин сигурно би сакал да „му се признаат“ Крим, Доњецк и Луганск, а би се задоволил и со поголемите делови од Херсон и Запорожје. Во тој случај, тоа би била територија, која, како што се нагаѓа, би ја „размениле“ со Украина, со руското повлекување од помали области околу Суми и Харков, каде Русите остварија одреден пробив. Но, засега сето ова е само шпекулација – класична „гласина“. Никаде во про-режимските медиуми не стои дека тоа е „јасно како бел ден“.
Второ, дури и ако Трамп го „скрши“ Володимир Зеленски за да се откаже од тој дел од својата територија и да ја замрзне војната на линијата на фронтот, се поставува главното прашање – колку дури и тоа би го задоволило Путин? Ќе испадне дека три и пол години војувал за нешто повеќе од она што го имал пред војната – околу 25 отсто од украинската територија, додека пред војната контролирал нешто помалку од 15 отсто. Тоа навистина ќе изгледа како Судетската област во 1938 година во Чехословачка.
Ова не го задоволува Путин и тој не отиде во војна поради тоа. Кога би ги добил тие 20-тина отсто од територијата, во Киев и понатаму ќе има власт што не му е по ќеф. Тој сака отворено проруски режим во Киев, каков што има Минск. Војната не би завршила со ова, можеби само би се замрзнала, анализира хрватскиот „Јутарњи лист“.
Иако сите се согласуваат дека самитот во Алјаска му одговара само на Путин во моментов, прашањето е колку тој навистина е целисходен него, бидејќи тоа не е победа и не ја постигнал целта на војната.