Дали недавањето покачувања на пензионерите што живеат во странство е праведно? Уставен ќе решава по три иницијативи

од desk2
51 прегледи

Уставниот суд ќе ја оценува уставноста и законитоста на измените на Законот за пензиското и инвалидско осигурувања, според кои пензионерите кои живеат во странство не го добија покачувањето од 2.500 денари од март оваа година, а нема да ги добијат ниту најавените покачувања од по 1.000 денари во септември 2025 и во март 2026 година.

Во Уставниот суд пристигнале 3 иницијативи против оваа законска измена во кои таа се оценува како неуставна и дискриминаторска.

Една иницијатива е поднесена од Љубомир Сандевски, во која тој наведува дека со оспорените измени се врши дискриминација и трајно финансиско оштетување на осигурениците на Фондот на ПИОМ кои се државјани на Македонија и на кои пензиите им се исплаќаат надвор од државата, бидејќи нема да го добиваат редовното усогласување на пензиите во иднина, вклучително и усогласувањето на пензиите од март 2025 година.

„Се наведува дека државата го ускратува стекнатото право. Своеволно без уставна надлежност Собранието ги донело измените кои прават дискриминација и категоризација на пензионери кои пензиите ги примаат во Македонија и пензионери кои живеат надвор од државата, без да се земе предвид фактот дека пензиите се стекнати врз основа на придонесите кои ги уплаќале во текот на работниот век, а не според географската локација каде што ги примаат пензиите“, соопшти Уставниот суд.

Втората иницијатива е од Илија Ивановски, кој го оспорува делот од законските измени во кои е наведено „на корисници на пензија на кои пензијата им се исплаќа во Република Северна Македонија“.

Третата иницијатва е од Темелко Ристевски. Судот објаснува дека во оваа иницијатива оспорен е член 1 од законските измени, во делот „во член 37 став 1 по зборот врши се додаваат зборовите: на корисници на пензија на кои пензијата им се исплаќа во Република Северна Македонија”.

„Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорените делови се повредени членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9, членот 27 став 2, членот 35 став 1 и членот 51 од Уставот. Се тврди дека со додадените одредби се создава нееднаквост меѓу пензионерите, бидејќи иако имаат ист статус на пензионери, сепак се оневозможува усогласувањето да се применува за сите поеднакво. Подносителот тврди дека на овој начин индиректно се ограничува слободата на движење на околу 12.000 пензионери, како едно од уставно гарантирани права“, соопшти Уставниот суд.