Рускиот државен авион Ил-96-300 со регистрациски број RSD381 слета на меѓународниот аеродром „Тед Стивенс“ во Енкориџ, Алјаска. Се смета дека во него е делегацијата што ќе учествува во утрешните преговори за Украина помеѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин.
Иако немаше официјално соопштение за локацијата на рускиот претседател Путин, портпаролот на неговиот кабинет, Дмитриј Песков, обелодени дека Путин ќе посети еден регион во Русија пред да отпатува за Алјаска, а погоренаведениот авион леташе директно од московскиот аеродром „Внуково“ до Алјаска.
Дестинацијата беше сменета
Авионот всушност требаше да слета директно во базата на военото воздухопловство на САД „Елмендорф-Ричардсон“, каде ќе се одржи самитот на двајцата претседатели, но сепак слета на меѓународниот аеродром Енкориџ.
Втор руски државен авион Ил-96-300 со регистрациски број RSD171, во кој беа руски државни службеници и новинари полета во 17.30 часот по локално време од Москва кон Алјаска. Потоа од „Внуково“ полета и трет авион – RSD308 – а на крајот и чартер лет од Москва до Алјаска Bombardier BD-700-1A10 со регистрациски број JTC9580. Во истовреме, од Енкориџ кон Москва полета првиот Ил-96-300.
Во делегациите и дипломатскиот и финансискиот „врв“
Се знае дека во руската делегација влегуваат министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, министерот за одбрана Андреј Белоусов, советникот на Путин, Јуриј Ушаков, и министерот за финансии Антон Силуанов.
Од страната на САД освен Трамп, ќе учествуваат и потпретседателот. Џ.Д. Венс, државниот секретар Марко Рубио, претседателскиот посредник Стив Виткоф и министерот за финансии Скот Бесент.
Трамп: Путин сака да се испазари
Трамп во интервју за Fox Radio рече оти има „25% шанси“ средбата со Путин во Алјаска да биде успешна.
„Мислам дека Путин сака да постигне зделка за Украина“, нагласи Трамп, потврдувајќи дека САД ќе воведат санкции ако средбата со Путин не вроди плод.
Траен мир, безбедносни гаранции и огромни финансиски репарации се меѓу главните барања што Украина ги изнесе во пресрет на утрешниот мировен самит во Алјаска, каде што ќе се сретнат американскиот претседател и неговиот руски колега.
Средбата Трамп – Путин ќе се одржи во воената база „Елмендорф-Ричардсон“ утре, со почеток во 11:30 часот по локално време, односно во 21:30 часот по средноевропско време.
Путин: САД прават „искрени напори“
Рускиот претседател изјави дека американската администрација прави „искрени напори“ за решавање на конфликтот во Украина и посочи дека Москва и Вашингтон би можеле да постигнат договор за контрола на нуклеарното оружје.
Зборувајќи на состанок во Кремљ со највисоките руски воени и цивилни претставници, Путин рече дека ги информира за состојбата на преговорите со САД за Украина, како и за билатералните разговори со Киев.
„Би сакал да ви кажам на која фаза сме со актуелната американска администрација, која, како што е познато, според мое мислење прави прилично енергични и искрени напори да се запре борбата, да се стави крај на кризата и да се постигнат договори што се од интерес за сите страни, вклучени во овој конфликт“, нагласи тој.