Прифатен амандманот на Левица независните кандидати да треба да соберат потписи од 0,5 проценти од запишаните избирачи во ИЕ, за решението треба да се гласа и на пленарна седница

од Vladimir Zorba
103 прегледи

Собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на денешната седница ги проследни на натамошно постапка во Собранието измените и дополнувањата на Изборниот законик, откако претходно го усвои амандманот од Левица – кога подносител на листа на кандидати за пратеници е група избирачи, да биде потребно да се соберат најмалку 0,5 проценти потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица (ИЕ), а предложеното решение предвидуваше собирање потписи 0,95 проценти од запишаните избирачи.

Пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, како и на пленарната седница и на седницата на Комисијата истакна дека со ова решение се прават напори да биде пополнета правната празнина по одлуката на Уставниот суд за укинување на членови од Изборниот законик каде што е предвиден број/процент на потписи за предлагање листи на група избирачи, за да се воведат одредени јасни правила за собирање потписи за кандидатури за градоначлници и советици од страна група избирачи за да бидат фер и еднакви условите во секоја општина поддеднакво.

Тој истакна дека за нив е прифатлив амандманот поднесен од Левица и оти и со негово прифаќање не се менува целта на предложеното решение, а тоа е да се утврдат јасни, фер и демократски услови за претстојните избори. Овој амандман го поддржаа и членовите на Комисијата од СДСМ и коалицијата.

За ова законско решение позитивно се изјасни и Законодавно-правната комисија и го усвои поднесениот амандман, по што ќе биде изготвен дополнет Предлог на Законот.

Откако двете комисии го проследија на натамошно читање во Собранието и откако ќе биде изготвен дополнет предлог на измените и дополнувањата на Изборниот законик, тие повторно ќе се најдат на пленарна седница каде треба да бидат усвоени.

Слични содржини